Градоначалникот на Битола Тони Коњановски денеска предложи нов ребаланс на буџетот на Општината, откако Министерството за финансии не го вчита ребалансот изгласан на 11 јули. Коњановски предложи нов, кој во себе содржи дел од претходно предвидените проекти, нови, но и некои од амандманите на опозицијата.
Новиот предлог ребаланс веќе е доставен на разгледување до советниците. Тој ги офаќа оние амандмани на опозицијата за кои Коњановски рече дека се знае од каде ќе се изнајадат средства и се вклопуваат во буџетската рамка.
Ребалансот е надополнет со проекти за реконструкција на влезовите од Охрид и Прилеп, на дел од Булеварот Први мај, изградба на улици, проектна документација за реконструкција на јужната трибина на стадионот, спортски игралишта во училиштето „Елпида Караманди“, поддршка од милион денари за женските спортски клубови, за други спортови, лицата со ретки болести, апликантите за клима уреди, реконструкција на Копанки и други проекти.
Во него не влезе амандманот на Поинаку за бесплатна градинка за секое дете. Коњановски рече дека за сите амандамани кои беа изгласани во претходниот ребаланс, а кои ги нема во сегашниот, може да се разговара ако за нив се знае од која ставка ќе се обезбедат средства и соодветно би се вклопиле во основната рамка на буџет читлив од Министерството за финансии.
„Службено ќе ги известам и јавно сакам да ги повикам координаторите на советничките групи на координативен состанок неколку дена пред одржувањето на седницата на Советот кон крајот на август. Заеднички да разговараме за предлог ребалансот. Верувам дека сите заедно ќе покажеме конструктивност и рационалност за Битола, наместо преку политичко надмудрување, да губиме време низ правните процедури на штета на нашите сограѓани и напредокот на градот“, рече Коњановски.
Претходниот ребаланс на буџетот, кој не го прифати Министерството за финансии зашто ја надминуваше рамката на обезбедни средства, беше изгласан на 11 јули, а во него беа вметнати и повеќе амандмани на опозицијата СДСМ, Поинаку, Левица и ДОМ. Претходно во Советот се распадна мнозинството што го имаше партијата што ја преводи локалната власт ВМРО-ДПМНЕ, па гласањето е неизвесно.
Ж. ЗДРАВКОВСКА