КОНТРОВЕРЗЕН Е СЛУЧАЈОТ СО СМРТТА НА ВЕЛЕШАНКАТА КАТИЦА МАНОИЛОВА, РАНО Е ДА СЕ КАЖЕ СО СИГУРНОСТ ДАЛИ БИЛА ИНФИЦИРАНА СО КОРОНАВИРУС, СМЕТА ЕПИДЕМИОЛОГОТ МИКИЌ

    КОНТРОВЕРЗЕН Е СЛУЧАЈОТ СО СМРТТА НА ВЕЛЕШАНКАТА КАТИЦА МАНОИЛОВА, РАНО Е ДА СЕ КАЖЕ СО СИГУРНОСТ ДАЛИ БИЛА ИНФИЦИРАНА СО КОРОНАВИРУС, СМЕТА ЕПИДЕМИОЛОГОТ МИКИЌСтанот во Велес каде што на 6 април беа најдени мртви мајка и син. (Фото: СДК.МК)

    Смртта на велешанката Катица Маноилова за која Институтот за судска медицина објави дека кај неа бил најден коронавирус, за стручните лица од здравствениот систем на земјава е контроверзен случај. Така го нарече случајот епидемиологот д-р Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје. Во прв момент по објавувањето на резултатите, имаше информација дека починала на почетокот од јануари, за потоа Министерството за здравство да демантира.

    „Ова е контроверзен случај, кој сѐ уште се расчистува во однос на точното време на смртта. Институтот за судска медицина го утврдува периодот кога настана смртта, дали во период од три месеци или помалку. Со тестот се детектира генетски материјал, не треба да значи дека постои жив материјал. Најдена е нуклеинска киселина која што одговара на вирусот. Сѐ уште е рано да се кажа стопостотно дали таа жена е инфицирана или не, кои се начините како вирусот дошол до неа и третото прашање, кога настанала смртта“, кажа д-р Микиќ на денешната дискусија за КОВИД-19, на која учествуваше и министерот за здравство Венко Филипче.

    Маноилова беше пронајдена почината дома на почетокот од април, а соседите последен пат ја виделе на почетокот од јануари. Кај нејзиниот син со кого живееле, а чие мртво тело било до мајка си, немало регистрирано присуство на коронавирус.

    Министерот за здравство Венко Филипче објасни дека податоците од починатите ќе бидат битни за тоа што ќе следи во наредниот период.

    „Ќе ја анализираме состојбата со антителата, т.н. скрининг на серолошкиот статус на населението генерално, што нема сега да почне, туку понатаму, затоа што сме сѐ уште во фаза кога откриваме активни болни, кои можат да го пренесат вирусот. Сѐ повеќе и повеќе публикации укажуваат дека има асимптоматски носители, кои со лесни или никакви симптоми се активни преносители на вирусот“, рече Филипче.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира