КОРОНАКРИЗАТА СТАВИ КЛУЧ НА ДЕЛ ОД ХОТЕЛИТЕ ВО ОХРИД И СТРУГА, ХОТЕЛИЕРИТЕ ВЕЛАТ СОСТОЈБАТА Е ОЧАЈНА

    КОРОНАКРИЗАТА СТАВИ КЛУЧ НА ДЕЛ ОД ХОТЕЛИТЕ ВО ОХРИД И СТРУГА, ХОТЕЛИЕРИТЕ ВЕЛАТ СОСТОЈБАТА Е ОЧАЈНАХотелите бележат само 30% од ноќевањата што ги имале во изминатите две години. (Фото: СДК.МК)

    Коронакризата затвори дел од хотелите на охридско-струшката ривиера. Повеќе од 20 проценти од хотелските легла не работат, а ист толкав број се очекува да се затвори во наредниот период. Разочараните хотелиери велат дека нивните капацитети се празни, нема гости, а тековните трошоци биле многу големи за да работат во овој период. Опстанокот за повеќето од нив е неизвесен, бидејќи во наредните шест месеци немале ниедна резервација. Засега нема масовни отпуштања, но без работа останале сезонските работници.

    „Изгрев“ е од поголемите хотели во Струга кој меѓу првите ги затвори вратите. Во Охрид, пак, меѓу затворените се ексклузивниот хотел „Јуник“ и „Десарет“. Помалите хотели нуделе само ресторански услуги, додека собите им биле празни. Сите се едногласни дека ќе чекаат подобри времиња за повторно да работат.

    Од Хотелската асоцијација на Македонија (ХОТАМ) состојбата ја оценуваат како очајна.

    „Ситуацијата е многу лоша. Ако се суди според бројот на легла, над 20% веќе не работат, а повеќето хотели работат само за викенд со по некој гостин. Нема семинари, конгреси и кружни тури, границите се затворени, нема странски гости и автоматски бројката на ноќевања е драстично намалена“, вели претседателот на ХОТАМ, Крсте Блажески.

    Првите најави за странски гости се дури за мај 2021, но и тоа ќе зависи од бројот на заразени и мерките за заштита кои ќе бидат донесени, вели претседателот на Хотелската асоцијација на Македонија, Крсте Блажески (Фото: СДК.МК)

    Според него, владината мерка со која е предвидено да добиваат плати за октомври, ноември и декември ќе биде од помош за повеќето хотели. ХОТАМ до Владата ќе испрати барање оваа мерка да продолжи и за следната година, како и да се даде грејс период за исплата на кредитите.

    „Еден од условите да се добие оваа помош беше да се задржи бројот на вработени и затоа немаме забележано помасовни отпуштања. Бројките за оваа година се катастрофални. Тоа што сме го сработиле во изминативе години сега е на 30%, а до крајот на годината, поради тоа што нема да работиме, очекуваме овај процент да падне уште повеќе. Сите хотели бележат загуби, некој повеќе, некој помалку“, вели Блажески.

    Првите најави за странски гости се дури за мај следната година. Договорите веќе се правеле, но сѐ зависело од бројките на заразени и мерките за заштита кои ќе бидат донесени.

    „Правиме преговори со странските тур-оператори за 2021 година, но реализација ќе има ако ситуацијата е под контрола и ако се отворат границите“, вели претседателот на ХОТАМ, која има над 100 членки, од кои половина се хотелски капацитети.

    Коронакризата ќе ги остави хотелите празни и за новогодишните празници, кога по традиција се правеше голем профит.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира