Охридската компанија „Костал“ од 2024 ќе започне со производство на полначи за електрични хибридни автомобили, проект вреден 25 милиони евра со кој ќе се отворат нови 200 работни места.
„Ова е производство со висока додадена вредност исклучително важна за развојот на економијата во државата“, рече вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, кој денеска заедно со заменик-амбасадорот на Сојузна Република Германија, Ото Граф беа во посета на компанијата.
При посетата беше разговарано и за потпишување нов договор за државна помош, а Битиќи вети поддршка на сите компании кои своите вредносни ланци ќе ги развиваат во државата.
„Ова е доказ дека поддршката на инвестициите кои се дел од вредносниот ланец на индустриско висока софистицирана технологија навистина функционира. Од друга страна, ова е правилен и навремен одговор на глобалната криза во која прекините на вредносните ланци од Далечниот Исток предизвикаа дополнителен притисок на самата економија. Во моментот, навистина е тешко и не можеме јасно да го видиме излезот, но излез има само доколку делуваме партнерски и солидарно со паметни и планирани чекори“, вели вицепремиерот Битиќи.
Тој смета дека компаниите како „Костал“, кои својата доверба за развој ја даваат на земјата и тука ги шират своите вредности и ланци, секогаш во Владата треба да гледаат партнер за поддршка.
Во Костал работат над 950 висококвалификувани вработени со просечна бруто плата од 850 евра.
Генералниот директор на „Костал“ Виктор Мизо рече дека компанијата досега има вложено над 100 милиони евра, а според планот од средината на 2024 година ќе започне со производство на сите системи на производство на полначи за хибридни возила од групацијата „Фолксваген“.
„Планот за оваа инвестиција од 25 милиони евра има потенцијал да биде зголемена на 40 милиони евра и дополнителни 350 нови вработивања што ќе се одлучува со ‘Фолксваген’ во следните две до три недели. Ова ќе биде технолошки најсофистицираниот производ кој се произведува во рамките на ‘Костал’ групацијата. Овде ќе се произведува за Европа, а ќе биде технолошко најнапредниот производ во државава во автомобилската индустрија“, рече Мизо.
Заменик-амбасадорот Граф рече дека и во време на криза оваа соработка е пример како можат двете земји да соработуваат на економски план.
„И покрај потешкотиите со кои се соочуваат компаниите во моментов преку ценовните шокови и кризата во Украина, значајно е што можеме да најдеме заедничко решение. Економската соработка продолжува на високо ниво. ‘Костал’ е секако значаен сегмент од ова“, рече Граф.
Костал најавува и дополнителни инвестиции во Скопје, но и други дејности надвор од автомобилската индустрија.
С. ВРЕНЦОВСКА