КОЦЕ ТРАЈАНОВСКИ БЕЗ ОБРАЗЛОЖЕНИЕ ГО СМЕНИЛ БЛАГОЈА МЕНКОВСКИ, 16 ГОДИНИ КОМАНДАНТ НА СКОПСКАТА ПРОТИВПОЖАРНА БРИГАДА

    КОЦЕ ТРАЈАНОВСКИ БЕЗ ОБРАЗЛОЖЕНИЕ ГО СМЕНИЛ БЛАГОЈА МЕНКОВСКИ, 16 ГОДИНИ КОМАНДАНТ НА СКОПСКАТА ПРОТИВПОЖАРНА БРИГАДА

    Градоначалникот на Скопје без никакво образложение вчера го разрешил командантот на Противпожарната бригада на Скопје, Благоја Менковски. На неговото место веднаш го именувал пожарникарот Ѕвонко Томески, досегашен командир на смена во бригадата.

    Менковски, кој 16 години е командант на бригадата е затекнат од ваквата одлука на градоначалникот Коце Трајановски.

    „Смената дојде без најава и без образложение. За причините сега не би можел да зборувам, градоначалникот треба да објасни, а верувам дека по извесно време се ќе стане јасно. Можам да кажам само дека во мојата биографија нема петно, немам никаква пријава, а командант сум на бригадата од 2000 година. Нема задача што не сум ја исполнил. Посебно сега, на поплавите, секојдневно бев на терен“,  изјави Менковски за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Тој е пожарникар веќе четири децении и во бригадата колегите го опишуваат како еден од најспремните, иако е пред пензија.

    Новиот командант, Ѕвонко Томески, е меѓу пожарникарите кои се истакнуват во бригадата. Тој во 2007 година по неколкудневен престој во Германија доби сертификат за храброст и почесно членство во Нирнбершката бригада откако заедно со колегата Владимир Кочовски успеале да спречат експлозија во автолакерска работилница во Нирнберг.

    Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски не е достапен за објаснување смената, а неговото Одделене за односи со јавност не работи за време на викенд.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира