Во третиот квартал од годината, од јули до септември, во Велес има сериозен пад на трансакциите на недвижности, во споредба со периодот јануари-март. Ова се однесува на купопродажбата на станови, куќи, деловен простор, земјоделско земјиште и градежно земјиште, велат податоците на Агенцијата за катастар за недвижности. Ваквиот пад, според познавачите, се должи на ковид кризата.
„Падот на економијата, предизвикан од пандемијата, беше причина да се намали и обемот на купопродажбата на недвижности. Од друга страна, има отпуштања од работа, се зголеми невработеноста, што, пак, предизвика зголемување на бројот на хипотеки во градот“, вели приватен инвеститор кој се занимава со изградба на станови.
Од јануари до март, во Велес имало 185 трансакции, а во третиот квартал само 97.
Во првиот квартал биле продадени 34 станови, 17 куќи, пет деловни простори, 39 површини за земјоделско земјиште и 17 парцели за градење. Во третиот квартал, во Велес биле продадени 20 станови, 13 куќи, четири деловни простори, 21 земјоделско земјиште и девет градежни парцели.
Во првите три месеци од 2020, 10,4% од становите во Велес биле под хипотека, што потоа се зголемило на 11,5%. И покрај тоа, има пораст на изградба на нови станови.
П. ПЕЧКОВ