Ковид заразата се рашири и во поголемите населби во Велешко. Заразени пациенти има и по селата. Заклучно со вчерашните резултати според Министерството за здравство, активни се 701 пациент со коронавирусот, во болница се 72, четворица од нив се од Свети Николе.
Анализата на случаите покажува дека неколку дена по ред, во Велешко поголем е бројот на оздравени, отколку новозаразени. Намалена е и смртноста, за првата седмица од декември починати се шест позитивни на ковид-19.
„Вирусот во Велешко е распространет широко и не можеме за зборуваме и лоцираме кластери. Постојат семејни и соседски жаришта во Мелница, Горно Оризари и Градско. Во споредба со претходните три-четири седмици, состојбата со ковид заразата во Велешко се смирува“, кажа градоначалникот Аце Коцевски.
Според епидемиолозите, заразата во овие места се раширила преку лица кои се вработени во индустриски капацитети каде корнавирусот земал широк замав.
Градоначалникот посочи и за проблемот со лица од други градови кои доаѓаат во Велес да се тестираат за ковид-19, а не знаат каде се наоѓа пунктот на Центарот на јавно здравје. Има случаи на лица од Штип, Кочани, Скопје, чии матични доктори нашле слободен термин за тестирање во Велес и допатувале тука да се тестираат.
„Тие се шетаат низ градот, до болница, Хигиенски завод или Брза помош, па дури на крај доаѓаат во пунктот, кој е во поранешното ОУ ‘Јордан Хаџи Константинов-Џинот’. Не се упатени каде се наоѓа, со што по остварените контакти, доведуваат во опасност други сограѓани од Велес“, рече Коцевски.
Тој го посочи проблемот, но не кажа што Општинскиот кризен штаб презема за да се надмине ваквата состојба.
П. ПЕЧКОВ