КРАДЦИ КОПААТ ДУПКИ ВО БЕТОНСКАТА ОГРАДА НА ЏЕПАНЕТО, РУИНИРАН СПОМЕНИК НА КУЛТУРАТА ВО БИТОЛА

    КРАДЦИ КОПААТ ДУПКИ ВО БЕТОНСКАТА ОГРАДА НА ЏЕПАНЕТО, РУИНИРАН СПОМЕНИК НА КУЛТУРАТА ВО БИТОЛАЏепането, тврдина од 19 век во форма на крст со четири уникатни објекти од делкан камен, врвно дело на смилевските мајстори, се распаѓа со години чекајќи подобро време кога ќе биде реставрирано и ќе го добие потребниот сјај и значење. (фОТО: сдк.мк)

    Крадците копаат дупки во обид да ја урнат оградата дури и во бетонските блокови со кои се заѕидани влезовите во Џепането, споменик на културата од прва категорија сместен во поранешната битолска касарна. Таа е пронижена како со гранати од војна, а на провалниците засега не им успеал планот да влезат внатре. Со оглед на тоа дека крадците претходно му се имаа намерачено на Џепането, па однесоа се’ што можеше да се земе – врати, прозорци, ќерамиди, дури и бандерите со громобраните – прашање е што уште има внатре за да крадат.

    „Во однос на заштитата на овој објект, во рамките на можностите се преземаат активности за спречување на влез во самиот објект, со што би се минимизирале евентуални негови понатамошни оштетувања. Во оваа насока, соработуваме и со битолската полиција“, вели Мери Стојанова, директор на Завод и музеј Битола, институција надлежна за заштита на спомениците на културата во Битола.

    Таа е пронижена како со гранати од војна, а на провалниците засега не им успеал планот да влезат внатре. (Фото: СДК.МК)

    Ваквиот режим на заштита на Џепането, или турската барутана, се применува веќе неколку години. Нема агенција за обезбедување, ни поставени камери. Сместено е во касарната каде, иако се градат објекти и патишта, фреквенцијата на движење не е голема, освен кога има рекреативци. Во ноќните часови таму е темно, а првите куќи со жители се на триста до четиристотини метри, па местото е погодно за крадци.

    Џепането, тврдина од 19 век во форма на крст со четири уникатни објекти од делкан камен, врвно дело на смилевските мајстори, се распаѓа со години чекајќи подобро време кога ќе биде реставрирано и ќе го добие потребниот сјај и значење.

    Од Завод и музеј велат дека во рамките на Годишната програма нема предвидени средства за Џепането бидејќи таква апликација и не беше доставена. Сепак со оглед на габаритот на објектот, и потребните финансиски средства за негова санација, Завод и музеј прави напори да обезбеди средства и од други фондови.

    Ова е атрактивна локација со прекрасен видик кон Битола. Докторот по археологија Стевче Тодоровски вели дека објектот бил изграден во 1876 година како турска барутана, а подоцна ЈНА и АРМ го користеле како магацин за муниција.

    „Објектот го граделе врвни мајстори од Смилево во време на битолскиот валија Ќоса Ахмет Зеки-паша. Кога мајсторите го доградиле воениот магацин валијата ги прашал колку чини, а тие одбиле пари велејќи ‘преплатено валија, за света работа пари не се земаат’. Валијата не сфатил што кажуваат, но подоцна писарот му кажал дека од спротивниот рид објектот се гледа како одлично изѕидан христијански крст формиран од обиколните ѕидови и згради“, вели Тодоровски.

    Џепането крие повеќе тајни белези на ѕидарите, меѓу кои и изделкан крст на западниот ѕид. Има и значајна градителска вредност. Влезовите на објектите се направени од делкан гранит, дело на каменорезец. Магацините се зајакнати со контафори, кои обезбуваат вентилација, но и херметичка затвореност. Таваните се полукружни и служат како одлична излација од влага.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира