Во текот на ноќта, крадци влегле во црквата „Св. Спас“ во Велес и украле пари и материјални средства. Кражбата ја потврдија од СВР Велес.
„Во 7,15 чaсот, лице кое било ангажирано во црквата телефонски пријавило дека се украдени пари во висина од две илјади денари, како и материјални средства. Екипа на СВР Велес беше на увид и се трага по сторителот“, кажа Ристе Самарџиев портпарол на СВР Велес.
Кражбата се случува во стариот дел на градот каде жители на улицата Прохор Пчински, која води до оваа црква, реагираа на бројните кражби среде бел ден.
„Тоа што се краде е со мала вредност, чевли, патики, прашок за перење, теписи, но стресот е голем, да го видиш крадецот очи в очи“, велат жителите од овој дел на градот.
Во стариот дел на Велес е и магацинот од градинката од каде беше одземена храната за оброци за децата. На почетокот од годинава, повеќе велешки семејства кои имаа гробни места околу црквата „Св. Спас“ реагираа дека се оштетени за да се украде накит од покојните.
Пред две години, во февруари 2020, на гробиштата од црквата „Св. Спас“ беше застрелан полицаец кој остана жив, а со колешка бил во акција на откривање крадци.
П. ПЕЧКОВ