КРЕНАТА ПРВАТА ОД ЧЕТИРИТЕ 20-КАТНИЦИ НА ЈУЖЕН БУЛЕВАР ВО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕ

    КРЕНАТА ПРВАТА ОД ЧЕТИРИТЕ 20-КАТНИЦИ НА ЈУЖЕН БУЛЕВАР ВО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕИнвеститорот турски „Лимак“ вели дека подземната улица се гради и онаму каде што се кренати зградите таа е пробиена.(Фото: К.Попов)

    Крената е првата од четирите 20-катници кои турската компанија „Лимак“ ги гради на Јужен булевар во центарот на Скопје. Првата зграда се наоѓа кај зградата на „Тутунска банка“ односно на крајот на трасата каде што треба да излегува подземната сообраќајница.

    Во моментов се работи и на втората 20-катница која ќе биде веднаш до неа и веќе се изградени неколку ката. Другите две висококатници ќе се градат на другиот крај на Јужен булевар односно кај подвозникот на улицата Бихаќка. Под зградите треба да минува подземната сообраќајница, која во моментов граѓаните не можат да ја видат зад тарабите со кои е заградено градилиштето. Инвеститорот вели дека улицата се гради и онаму како се кренати зградите таа е пробиена.

    Според најавите подземната сообраќајница треба да биде готова во 2023 година, а Град Скопје треба да ги изведе приклучоците односно да изгради три кружни текови за влез и излез.

    „Најтешката работа е завршена, поголемиот дел од тунелот под земја е пробиен односно направен е ископот, поставени се потпорни ѕидови и подземни инсталации. Сега останува полесниот дел во градењето на улицата. Градежните работи се одвиваат во делови или блокови односно завршуваме еден дел од улицата и потоа таму се продолжува со работа односно се креваат објекти. Потоа се гради друг дел од улицата па содржините кои се над неа. Без да се изгради тунелот не може да се кренат зградите. Зградата која ја гледате кај ‘Тутунска банка‘ е прва од четирите кули. Таа се гради бидејќи тунелот во тој дел е готов и сега продолжуваме со негово градење натаму“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК лани во август Чагри Шерен, проект менаџер на компанијата „Лимак“.

    Според проектот, улицата ќе биде со должина од 800 метри и широка 37 метри. Ќе има по две ленти во секој правец и две линии за трамвај во средината. Вкупната површина на која се гради целиот комплекс е 325 000 метри квадратни, од кои трговскиот центар ќе биде со површина од  47. 000 метри квадратни и веќе е почнат да се гради, а ќе се наоѓа зад Музејот на Град Скопје. Ќе има 4 згради, две источни и две западни со 20 ката, три нивоа паркинг простор и 17 ката станбени единици. Делот меѓу трговскиот центар и кулите ќе биде шеталиште со јавни содржини. Инвеститорите велат дека во комплексот ќе има 3.200 паркинг места и 11.000 метри квадратни зелена површина.

    Договорот за Јужен булевар под земја со турскиот инвеститор „Лимак“ беше потпишан на 12 март 2012 од тогашниот градоначалникот Коце Трајановски и на тогашната прес-конференција беше најавено дека ќе се почне со градба за една година. Но, повеќе од 6 години на терен ништо не се работеше, ниту пак од Град Скопје кажуваа зошто проектот не се реализира.

    Со доаѓањето на градоначалничката функција на претходниот градоначалник Петре Шилегов, од „Лимак“ рекоа дека ги надминале проблемите со добивањето на потребните дозволи и во септември 2018 почнаа градежните работи.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира