Скопската градоначалничка Данела Арсовска го назначи Кристијан Стаменов за в.д. директор на Зоолошката градина откако вчера претходниот директор Ѓорги Галетановски поднесе оставка.
Стаменов е син на поранешната директорка на Зоолошка Татјана Стаменов, која на оваа функција беше во времето на ексградоначалникот Коце Трајановски. Стаменов од 2011 година е вработен во градина како Зоо негувател.
Како што соопштуваат од кабинетот на Арсовска, Тина Мицковска досега задолжена за односи со јавност на Зоолошката градина, од денеска е прв соработник и заменичка на новиот директор.
„Главни проекти на кои ќе се насочи новото раководство на Зоолошката градина во Скопје се ревитализирање на сите надворешни живеалишта, изведба на центар за хипорехабилитација на местото на градскиот пајтон, ставање во функција на мултинаменскиот центар со цел едукација на деца од претшколска и школска возраст како и изградба на детски парк. Зоолошката градина во Скопје во соработка со Град Скопје ќе работи и на поставување на обновливи извори на енергија на сите објекти во градината“, велат од Град Скопје.
Арсовска денеска го разреши од функција досегашниот в.д. директор на ЈП „Улици и патишта“ Горан Симоновски.
A. АНТЕВСКА