Пола година се реконструира улицата Теодосиј Гологанов кај Клуб на пратеници во центарот на Скопје. Градежните работи на потегот од кружниот тек кај Католичка црква до крстосницата со булеварот Климент Охридски почнаа во септември лани и тогаш градоначалничката Данела Арсовска кажа дека ќе се завршат за 5 месеци. Но. поминати се 6 месеци, а улицата уште се гради.
Во моментов, на улицата се поставува вториот слој на асфалт и се уредуваат пешачките патеки. Долж патеките се садат и нови дрвја. Дел од новиот дрворед е крив, односно нерамномерно се распоредени квадратите кои се изведени во асфалтот за во нив да се насадат дрвја.
Според проектот, реконструкцијата опфаќа градежни работи на коловозот од 5.350 метри квадратни, изведба на велосипедска патека и тротоари од 4.500 метри квадратни, нови рабници, нова фекална канализација Ф600, изведба на нова водоводна мрежа и ново улично осветлување.
Реконструкцијата чини околу 700.000 евра, а градежните работи ги изведува фирмата „Бауер“.
А. АНТЕВСКА