КРИВА ПАЛАНКА ПРЕКИНУВА СО ПРОТЕСТИТЕ ОТКАКО ВЛАДАТА ИМ ПОДЕЛИ ЗАДОЛЖЕНИЈА НА ДРЖАВНИТЕ ИНСТИТУЦИИ ДА ГО РЕШАТ ПРОБЛЕМОТ СО КРАВИТЕ

КРИВА ПАЛАНКА ПРЕКИНУВА СО ПРОТЕСТИТЕ ОТКАКО ВЛАДАТА ИМ ПОДЕЛИ ЗАДОЛЖЕНИЈА НА ДРЖАВНИТЕ ИНСТИТУЦИИ ДА ГО РЕШАТ ПРОБЛЕМОТ СО КРАВИТЕНа протестот на 21 ноември, жителите од Крива Паланка и околните села побараа безбедност, заштита на имотот и итно спроведување на решенијата за одземање на околу 1.000 крави кои неконтролирано шетаат низ градот (Фото: Општина Крива Паланка)

Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, објави дека протестите се ставаат во мирување откако Владата донесе одлука со која се утврдуваат конкретните задолженија на надлежните државни институции за решавање на долгогодишниот проблем со говеда на територијата на Општината.

„По две и пол години аргументирана, упорна и континуирана борба, граѓаните на Крива Паланка се пред победа. Како градоначалник ја поздравувам оваа одлука, со која се потврдуваат нашите досегашни аргументи и ставови во однос на законските надлежности и одговорноста на институциите за решавање на проблемот“, кажа Митовски.

Со својата последна одлука, Владата ѝ наложи на Агенцијата за храна и ветеринарство да врши заловување и одземање на говедата и да биде носител на оперативните активности, а Агенцијата за управување со одземен имот да биде задолжена за преземање, транспорт, сместување и згрижување на одземените говеда. Министерството за внатрешни работи ќе биде задолжено за полициска асистенција и теренски активности, Центарот за управување со кризи за оперативна координација, Дирекцијата за заштита и спасување за обезбедување на неопходната логистичка, техничка и кадровска поддршка, а Бирото за процена треба да ја утврди вредноста на одземените говеда.

„Ова е значаен чекор напред, но нашата борба не завршува тука. На институциите ќе им дадеме шанса и простор да го реализираат Акцискиот план и во овој момент ги ставаме во мирување плановите за најавените протести“, рече Митовски.

Тој додаде дека и покрај прифаќањето на поделбата на надлежностите, остануваат отворени прашања во однос на динамиката, опфатот и целосната реализација на предвидените активности.

„Како градоначалник останувам претпазлив, особено поради фактот што во информацијата усвоена од Владата не се утврдени конкретни рокови за донесување на Акцискиот план, ниту за почеток и завршување на теренските активности. Дополнително, предвидената акција ги опфаќа говедата за кои постојат правосилни и извршни решенија за одземање, а останува отворено прашањето за постапување со останатите говеда што го создаваат проблемот. Нема ниту одговор на прашањето за обесштетување на граѓаните кои претрпеа материјални штети. На дневна основа активно ќе го следам исполнувањето на секое од задолженијата на надлежните институции. Очекувам конкретни резултати на терен, без дополнително одолговлекување. Ставањето на протестите во мирување е израз на нашата подготвеност да им дадеме простор на институциите да постапат, но во никој случај не значи откажување од нашите барања за целосно и трајно решавање на проблемот“, вели Митовски.

На последниот протест одржан на 21 ноември, жителите од Крива Паланка и околните села побараа безбедност, заштита на имотот и итно спроведување на решенијата за одземање на околу 1.000 крави кои неконтролирано шетаат низ градот и предизвикуваат сериозни штети.

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира