КРПЕНИЦИ НА ВЛЕЗОТ ВО БИТОЛА, „ПОИНАКУ“ ГО ПОДИГНАА АСФАЛТОТ ПОСТАВЕН ПРЕД ПОСЕТАТА НА МИЦКОСКИ КАКО ДА Е ТАПЕТА

    КРПЕНИЦИ НА ВЛЕЗОТ ВО БИТОЛА, „ПОИНАКУ“ ГО ПОДИГНАА АСФАЛТОТ ПОСТАВЕН ПРЕД ПОСЕТАТА НА МИЦКОСКИ КАКО ДА Е ТАПЕТАПатот е во надлежност на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), а санацијата во текот на зимата ја вршеше „Македонија пат“. (Фото: Инстаграм/принтскрин од видео)

    Како да е направен од тапета – вака членовите на независната граѓанска иницијатива „Поинаку“, Габриела Илиевска и Иван Чулакоски, го подигнаа асфалтот со кој пред три месеци беа закрпени дупките на патот на влезот во Битола.

    Откако тие со леснотија подигнаа подолга лента асфалт, се виде дека под неа нема соодветна подлога, туку е поставена директно врз трева. Од „Поинаку“ велат дека патот бил крпен пред посетата на премиерот Христијан Мицкоски на Битола, на 5 јануари годинава.

    „Погледнете, крпено е врз трева. Битолчани редовно се жалат дека има дупки по улиците, а пред посетата на премиерот, брзо-брзо се покриваа дупките за да не ги искршат службените возила од Скопје. Ете, видете како се крпени! Порано, кога крпеа, го сечеа асфалтот, ставаа подлога, па асфалт и рамнеа. Сега поминаа со камиончето, фрлија асфалт со лопата и ете како изгледа крпеницата“, вели Чулакоски во видеото објавено на социјалните мрежи.

    Патот е во надлежност на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), а санацијата во текот на зимата ја вршеше „Македонија пат“. Од Општина Битола одговорија дека немаат никаков удел во активностите бидејќи се работи за пат кој не е во нивна надлежност.

    Од битолската подружница на „Македонија пат“ потврдија дека патот е магистрален и е под надлежност на ЈПДП, а тие само го одржуваат. Велат дека на почетокот на јануари временските услови со минусни температури не дозволувале посериозна интервенција, но излегле во пресрет и ги закрпиле дупките за да се овозможи движење.

    „Нова санација на магистралниот пат ќе се врши во текот на овие денови“, велат од „Македонија пат“.

    Чулакоски во мај 2025 година на сличен начин, со голема леснотија, откорна парчиња асфалт и од улицата „Бурса“, која распука за неполн месец по асфалтирањето. Во октомври истата година, по обилен дожд, настана оштетување на делови од новиот асфалт поставен на булеварскиот влез во Битола. На почетокот на 2024 година беа констатирани деформации на асфалтот и на новиот кружен тек кај Ветеринарната станица.

    Општина Битола тогаш одговори дека оштетувањата се во гарантен период, па изведувачот ќе ги санира на свој трошок, а доколку не ги отстрани, нема да му биде платено за извршената работа. Градоначалникот Тони Коњановски во неколку наврати изјави дека нема да дозволи неодговорност и непродуктивно трошење на ниту еден општински денар.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА 

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира