Со сослушувањето на сведоци на обвинителството, во Основниот суд во Тетово продолжи главната расправа за пожарот во модуларната ковид болница во Тетово. Беа сослушани две медицински лица кои во моментот на избувнувањето на пожарот биле на смена, а искази дадоа и четворица родители и роднини на пациенти кои биле во модуларната болница.
Потресно беше сведоштвото на родителите на 21-годишната Марија, која докторите и медицинските сестри се обидувале да ја реанимираат со дефибрилатор, кога избувнал пожарот, кој потоа брзо се проширил. Тие биле постојано покрај Марија, бидејќи била во тешка состојба, тешко комуникативна и морала да има 24-часовна поддршка од родителите. Како што објаснуваа родителите, огнот ја зафатил косата на Марија, што нејзиниот татко со голема мака го изгаснал и некако ја извлекол од собата број три, каде што избил пожарот. Мајка ѝ нашла количка во ходникот, на која успеале да ја стават Марија, која најверојатно веќе била почината. Но, и покрај тоа, татко ѝ ја скршил задната излезна врата од објектот, која била заклучена, а мајката со тешки маки успеала да го извлече телото надвор.
И другите сведоци раскажуваа за тие потресни моменти, кога своите роднини ги изнесувале преку прозорци за да ги спасат од огнот. Различни беа изјавите дали имало противпожарни апарати во објектот. Некои велеа дека ги виделе во некоја просторија, други кажаа дека ги немало.
Изјавите на медицинските лица најчесто беа дека немало или дека не виделе дали во тој момент во модуларната болница имало роднини на пациентите, освен родителите на Марија. Наспроти ова, роднините кои денеска беа испрашани кажуваа дека можеле да влегуваат и да бидат со болните, но дека за тоа од никого не добиле писмено одобрение.
Денеска сведочеа и тројца вештаци, кои пред судот се изјаснија дека остануваат на она што го навеле во писмениот исказ.
Главната расправа продолжува на 2 март, кога треба да се испраша уште едно вешто лице, кое денеска беше отсутно, по што се очекува да почне изнесувањето на писмените докази на одбраната.
З. АНДОНОВ