Кучето кое пред пет дена касна 13-годишно дете во центарот на Битола не било бездомник, туку припаѓало некому, а било пуштено слободно да се движи по улици. Градоначалникот Тони Коњановски на денешната прес-конференција рече дека проблемот добива и други размери, со иматели на кучиња кои се чуваат за борби, но и други животни кои немаат сопственик, а имаат имател со што се заобиколуваат законските обврски од поединци.
„Случајот со детето што беше каснато пред неколку дена беше буквално таков – куче за кое се знае дека има сопственик, само прашање е дали е регистриран или само го поседува, а повеќепати правело проблем низ битолските улици“, рече Коњановски.
Општина Битола веќе поднесе кривична пријава против непознат сторител на просторот кај Стара болница, каде беше каснато детето, а за каде имаат информации дека се чуваат кучиња за борби. Тоа не се бездомни животни, туку некому припаѓаат, а тие лица не се регистрирани сопственици на животните, туку само иматели.
Исто така поднесоа и кривична пријава протов непознати сторители на просторот на поранешната касарна кои имаат овци, кози и коњи, а истовремено се иматели и на опасни овчарски кучиња, кои се испуштаат по улиците.
Ж. ЗДРАВКОВСКА