КУЌИ ВО ВЕЛЕС СЕ ПОЛНАТ СО ВОДА ОТИ КОМУНАЛЦИТЕ ДУПНАЛЕ ЦЕВКА, ОД „ДЕРВЕН“ ВЕЛАТ ДЕКА Е ПРИРОДЕН ИЗВОР

    КУЌИ ВО ВЕЛЕС СЕ ПОЛНАТ СО ВОДА ОТИ КОМУНАЛЦИТЕ ДУПНАЛЕ ЦЕВКА, ОД „ДЕРВЕН“ ВЕЛАТ ДЕКА Е ПРИРОДЕН ИЗВОРВо десетина куќи вода тече по ѕидовите, а во подрумот на една куќа има насобрано 30 см, жителите велат дека ова е сериозен проблем, им се уништуваат куќите и треба брзо да се реагира (Фото:СДК.МК)

    Дел од жителите на улица Даме Груев во центарот на Велес, близу Бричкова чешма кај Којник,  реагираат откако во нивните домови пред еден месец се појави вода. Во зависност каде живеат, кај некои е во подрумот, кај некои во собите.

    Во домот на семејството Димитровски  во подрумот водата е до коленици.

    „Пред еден месец, на ова место пред мојата куќа нешто работеа од јавното комунално претпријатие ‘Дервен’. Работеа на водоводна мрежа и ја дупнаа цевката. И тогаш се појави вода, вечерта веднаш во мојот подрум,  дојде околу 3 тона вода. Ја санираа цевката, ја испумпаа водата од подрум. Но, од следниот ден постојано доаѓа вода. Еве сега измерив изнесува 35 см вода на 10 м2 простор. Секој ден одам во комуналното да кажам дека подрумот продолжува да се полни. Ми викаат тоа е природен извор од некаде, анализите покажувале дека водата не била од водовод“, вели Трајче Димитровски.

    Тој вели дека кога го копал подрумот била сува земја и немало ниту капка вода, па морал да ја прска за полесно да работи. Сега ја има до коленици и истиот простор изобилува со вода.  Десетина метри подолу е домот на Мишеви, таму водата извира во собите на првиот кат. Тече како чешма, со мал млаз.

    „Кај мене водата извира од ѕидот, тече нон стоп еден месец. Прво беше како влага,за потоа мала чешма. Морав да отворам канал за да не се полни собата, водата да истекува надвор. Водата прво се јави на улица како еден извор до уличното осветлување. Водата се јави кај сите соседи истовремено . И јас бев во комуналното, но немам одговор што се случува“, вели  Игор Мишев.

    Тој поднел и барање за овој случај до локалната власт, која најавила дека ќе се формира комисија, за да испита од каде е водата. Засегнатите велат дека ова е сериозен проблем, им се уништуваат куќите и  треба брзо да се реагира, десетина куќи се во прашање. Соседите сметаат дека проблемот не е доволно аналазиран од велешките комуналци.

    Од „Дервен“ за овој проблем велат дека водата е од природен извор.

    „ЈКП ‘Дервен’, на пријава на жителите на улица Даме Груев за појава на вода во нивните домови и за појава на вода на самата улица, има веќе извршено увид на лице место. Беа проверени сите релевантни водоводни инсталации и канализациони шахти, и на истите не беше утврден дефект. Извршена е и анализа на водата од објектите каде има вода, како и на водата која се појавува на улицата, и утврдено е дека станува збор за природни подземни води, а не за вода од водоводната или канализационата мрежа“, се вели во писмениот одговор на „Дервен“.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира