КУМАНОВО ЈА ДОБИ ПРВАТА МОНТАЖНА КАТНА ГАРАЖА ЗА 270.000 ЕВРА

    КУМАНОВО ЈА ДОБИ ПРВАТА МОНТАЖНА КАТНА ГАРАЖА ЗА 270.000 ЕВРАНа двете нивоа има вкупно 80 паркинг места, вклучувајќи и паркинг места за инвалиди, коишто се бесплатни. - Градоначалникот Максим Димитриевски на отворањето на катната гаража (Фото: СДК.МК)

    Во Куманово денеска беше пуштена во употреба првата монтажна катна гаража, која се наоѓа покрај Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, во центарот на градот и има капацитет за осумдесетина возила. Изградбата на катната гаража чини 272.000 евра, а ја финансира Општина Куманово.

    „Со оваа гаража двојно го зголемивме капацитетот на поранешното паркиралиште, кое е под надлежност на ЈП ‘Куманово-паркинг’. На двете нивоа има вкупно 80 паркинг места, вклучувајќи и паркинг места за инвалиди, кои што се бесплатни. Ова е една од посериозните капитални инвестиции во градот. Имаме намера да реализираме уште вакви проекти во општината се со цел да го намалиме сообраќајниот метеж, кој всушност е еден од главните проблеми во нашиот град“, изјави градоначалникот Максим Димитриевски, на отворањето на гаражата.

    Во рамки на самиот објект ќе биде поставен јавен тоалет, бидејќи Куманово веќе 30 години нема јавно веце затоа што просториите што некогаш служеа за таа намена се приватизирани, заедно со стоковната куќа.

    Монтажната гаража ќе остане на оваа локација се до изградба на новата општинската зграда на локалитетот „Чоробенско
    ќоше“, каде е предвидена изградба на подземна гаража, за потребите на градот.

    Изградбата на катната гаража во центарот на Куманово ги подели граѓаните, бидејќи дел сметаат дека ова монтажно решение не е естетско ни функционално, затоа што ги затвора Плоштадот и Центарот на култура, а обезбедува минимални паркинг места во однос на оние што ги имаше на стариот паркинг простор, додека градоначалникот ја туркаше идејата правдајќи ја како неопходна.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира