ВО КУМАНОВО ПОЧНУВА МАСОВНАТА ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ КОВИД-19, ЌЕ СЕ ВРШИ ВО СПОРТСКАТА САЛА „ПЕРО НАКОВ“, А ДНЕВНО ЌЕ ИМА 1.000 ТЕРМИНИ

    ВО КУМАНОВО ПОЧНУВА МАСОВНАТА ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ КОВИД-19, ЌЕ СЕ ВРШИ ВО СПОРТСКАТА САЛА „ПЕРО НАКОВ“, А ДНЕВНО ЌЕ ИМА 1.000 ТЕРМИНИНа овој пункт ќе се вакцинираат жителите на општините Куманово, Липково, Старо Нагоричане, Крива Паланка, Кратово и Ранковце (Фото: СДК.МК)

    Во спортската сала на средното училиште „Перо Наков“, која се наоѓа во кругот на поранешната касарна во населбата Бедиње во Куманово, ќе се врши масовна имунизација против ковид-19 на населението од Североисточниот регион. На овој пункт ќе се вакцинираат жителите на општините Куманово, Липково, Старо Нагоричане, Крива Паланка, Кратово и Ранковце кои се пријавиле на сајтот вакцинација.мк и им стигнала СМС порака или мејл со термин за вакцинација.

    „Денеска добивме 4.200 дози од кинеската вакцина. Масовната вакцинација стартува денеска во 10 часот и имаме закажано над 600 термини. Наредните денови вакцинацијата ќе почува во осум часот и ќе трае до 19.30, а дневно ќе има околу 1.000 термини. Вакцинацијата ќе се врши на шест пунктови и ќе бидат запазени сите протоколи“, изјави д-р Снежана Јовановска, раководител на Одделението за вакцинација во Здравствен дом Куманово.

    Таа ги информира граѓаните дека вакцинацијата ќе се одвива во спортската сала во училиштето „Перо Наков“ во населбата Бедиње, а не во центарaлното училиште кај Градските базени, бидејќи тоа не било прецизирано во пораките, па дел од граѓаните биле збунети и не знаеле точно за која локација се работи.

    Во масовната имунизација ќе се вклучат и волонтерите од општинската организација на Црвен крст. Тие во две смени ќе даваат логистичка помош и поддршка на луѓето и медицинскиот персонал.

    Куманово е еден од шесте регионални центри во Македонија каде ќе се врши масовната имунизација, покрај Скопје, Штип, Кавадарци, Тетово, Охрид и Битола.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира