Фирмата „Балкан груп“ од Куманово донираше амбулантно возило на Кумановската болница, кое вреди 1 милион денари (16 илјади евра).
„Општата болница Куманово има 4 вакви возила, ова ќе биде петто. Само од почетокот на годината има транспорт на 300 пациенти од Куманово за Скопје, често се користат овие возила и да се пренесат пациентите до нивните домови. Се надевам дека ќе има повеќе општествено одговорни компании кои се подготвени да помагаат во јавно здравствените установи“, рече министерот за здравство Арбен Таравари.
Сопственикот на компанијата Давид Ивановски, кажа дека мотивот за донирање на возилото е поради тоа што тој е роден во оваа болница, а неговата мајка повеќе од 30 години работи во неа.
„Со овој чин сакам да ги поттикнам сите приватни компании во нашата држава, да помогне кој колку може, бидејќи заедно градиме подобро општество“, рече Ивановски.
За донацијата се заблагодари директорот Сашо Стошевски, кој најави дека од сопствени средства оваа година ќе набават уште едно санитетско возило.
Таравари кажа дека Владата планира да набави 100 модерни амбулантни возила, кои ќе се распределат по болниците, меѓу кои и оние со механичка вентилација, кои беа неопходни за транспортирање на пациенти по пожарот во Кочани, и очекува дека процедура да започне до крајот на годината. Последната набавка од Министерството за здравство била во 2014.
Министерот кажа дека во моментот во болниците во странство се лекуваат 44 пациенти кои беа во повредени во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ со 62 жртви на 16 март и дека сите се во стабилна и добра состојба.
Прашан за акцијата на МВР во врска со незаконско доделување на инвалидски пензии, Таравари потсети дека претходно имаше и случај во државниот Геријатриски центар, кога директорот беше фатен при земање на мито од 20.000 евра, и иако се работеше за член на неговата партија директоорт беше разрешен.
„Ги поздравувам сите овие акции. И јас имам информации дека има такви феномени, не сакам да генерализирам, не се сите доктори, меѓутоа таму кај што постојат сомнежи ги поддржувам, со сета почит и стоиме како Министерство за здравство, тука да им помогнеме на сите вакви акции за да се исчисти криминалот и корупцијата“, рече Таравари.
С. НИКОЛИЌ