Општата болница во Куманово, која го покрива Североисточниот Регион на државата ќе остане беа уролог, затоа што единствениот специјалист д-р Фати Џемаили е назначен за в. д. директор. Министерот за здравство Фатмир Меџити, на прашањето зошто регионот го остава без специјалист по урологијата во јавното здравство, вчера рече дека за тоа требало да мислат неговите предходници.
„За тоа требало да размислуваат господата, моите предходници, но и предходните менаџери на Општа болница Куманово. Знаеме дека тука имаше многу проблеми и претходно, јас веќе нема да го дозволам тоа. Тоа за што треба да ме држите за збор е дека ќе напредуваат работите во Кумановската болница, како никогаш досега“, рече Меџити.
И додека министерот пред новинарите тврдеше дека на прво место му се пациентите, а истовремено ги остава без лекар во една од значајните гранки во медицината, граѓаните на Куманово веќе реагираат на оваа одлука. Тие велат дека и досега тешко доаѓале до термин за преглед кај уролог, а сега за здравствената услуга ќе треба плаќаат во приватните амбуланти или да одат на лекар во Скопје, што им претставува дополнителен трошок на семејниот буџет.
Поставувањето на урологот Џемаили за в. д. директор, уследи откако Меџити ја разреши Биљана Ивановска која беше изберена за директорка на конкурс пред неполн месец. Министерот не сакаше директно да каже која е причината за смена на Ивановска, само најави дека сите менаџери и здравствени работници кои непрофесионално и нестручно ја извршуваат работата ќе бидат сменети.
„Дали еден директор е назначен на конкурс или не, дали бил една недела, еден месец, ќе се почитува професионализмот и стручноста. Веќе нема да бидат работите како досега. Кај мене нема да има директори кои не можат во целост и стручно да ги извршуваат секојдневните работи. И директорот во Психијатриската болница беше сменет по неполн месец, во Клиничка болница Тетотово по три месеци медицинскиот директор си поднесе оставка. Во моето работење не ме интересира политика и партија. Од моето доаѓање има разрешено некаде околу 25 менаџери. Се соочуваме со тешки услови во здравството поради недомаќинско работење на менаџери кои биле по 5-6 и 10 години“, кажа министерот.
На инсистирање на новинарите да каже дали Ивановска е нестручна во својата работа и како го заклучиле тоа за само еден месец, тој повторно го избегна одговорот.
„Мене не ме интересира која индивидуа од која политичка партија доаѓа, јас сакам стручни професионални менаџери. Јас треба да се грижам за сите вработени и нема да дозволам мобинг од менаџерите“, додаде министерот.
Тој најави дека до медиумите ќе достави извештај од Државен здравствен санитарен инспекторат (ДСЗИ) со детали за досегашната работа и менаџирањето во Кумановската болница.
С. НИКОЛИЌ