Кумановската касарна „Боро Менков“ останала без греење поради дефект на централниот систем за затоплување на објектите. Од општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ го обвинија Министерството за одбрана дека не се грижи за условите во кои работи војската и дека повеќе од еден месец стотици војници во кумановската касарна на минусни температури се оставени без греење.
Од Генералштабот (ГШ) на АРМ потврдуваат дека во кумановската касарана нема централно греење поради дефект на две цевки за пренос на водата, па не можат да го вклучат систем за затоплување, но тврдат дека војниците не се смрзнуваат затоа што се обезбедени алтернативни извори за затоплување во целата касарна.
„Службите кои вршат обезбедување на објектите во касараната се затоплуваат со дрва, а командата на струја со клими, термо печки и греалки. Денеска е прв ден кога е малку поладно, инаку предходните денови не беа темпратурите толку ниски за да некој се смрзне“, велат од ГШ.
Од ГШ велат дека дефектот на центалното греење бил лоциран уште во септември кога било пуштено пробното греење, но поради долгата тендерска постапка дури денеска потпишале договор со фирмата која ја добила работата. Веднаш извршиле увид во дефектот и имаат обврска за 15 дена да ги завршат неопходните поправки.
Од АРМ велат дека објектите во касарните во државата се стари, а системите за затоплување не се одржувани со години и затоа секаде се јавуваат проблеми со греењето. Тврдат дека имаат и доволни количини на мазут за греење на објектот, кога ќе се отстрани дефектот.
С. НИКОЛИЌ