Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, тврди дека е негативен на коронавирус откако повторно се тестирал на негово барање. Тој вечерва на Фејсбрук напиша дека вчера заедно со сопругата, почитувајќи ги сите безбедносни протоколи и процедури направиле тестирање на КОВИД- 19 на сопствена сметка во неколку релевантни лаборатории во државата, а претходно во Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) во Куманово се тестирале и сите членови од неговото семејство и сите биле негативни.
„Денеска од епидемиолошката служба при ЦЈЗ Куманово побарав да ги разгледа резултатите од тестирањата, по потреба да го повтори тестирањето и под итно да достават барање за укинување на решенијата за самоизолација за мене и членовите на моето семејство и сите мои контакти посочени во епидемиолошка анкета.
Се надевам дека моето барање ќе биде итно разгледано и реализирано во рамки на процедурите, бидејќи покрај негативните тестови здравствената состојба на мене и семејството е добра и не постојат никакви симптоми ниту показатели на инфекција од КОВИД-19 со цел да се вратам на секојдневните работни обврски и заедно со мојот тим во Општинскиот штаб за заштита и спасување да продолжам со борбата против епидемијата во нашиот град и државата. Ги отфрлам сите обвинувања околу наводната мојата позитивност, анатемата мора да се тргне“, напиша Димитриевски.
Тој им посакува брзо закрепнување на сите негови сограѓани кои во моментов се борат со болеста, а на сите останати да ги почитуваме мерките за социјална дистанца.
Димитриевски беше потврден за позитивeн на коронавирус на 16 април, заедно со уште 40 кумановци, меѓу кои и петмина члeнови на Општинскиот штаб за заштита и спасување. Еден ден пред тоа се одржа проширена седница на штабот на која присуствуваше премиерот Оливер Спасовски и тројца министри, поради што тие мораа во самоизолација.
С. НИКОЛИЌ