КУМАНОВСКИТЕ СОВЕТНИЦИ ПОБАРАА ДА СЕ ОДБЛОКИРА ДЕПОНИЈАТА КРАСТА, ЖИТЕЛИТЕ НА ПЧИЊА ЌЕ СЕ ДОГОВОРАТ ДАЛИ ЌЕ ПРИФАТАТ

    КУМАНОВСКИТЕ СОВЕТНИЦИ ПОБАРАА ДА СЕ ОДБЛОКИРА ДЕПОНИЈАТА КРАСТА, ЖИТЕЛИТЕ НА ПЧИЊА ЌЕ СЕ ДОГОВОРАТ ДАЛИ ЌЕ ПРИФАТАТОд „Чистота и зеленило“ предупредија дека градот може да се соочи со епидемија на болести ако не се дозволи изнесувањето на сметот (Фото: СДК.МК)

    Жителите на Пчиња да ја тргнат блокадата на депонијата Краста, ЈП „Чистота и зеленило“ во најкратоk рок да го изгасне пожарот, а Општина Куманово да формира работна група која во рок 30 дена ќе предложи мерки за решавање на проблемите со депонијата се трите заклучоци кои ги донесе Советот на Општина Куманово на денешната вонредна седница. Покрај претставници на сите надлежни институции, присуствуваа и претседателите на месните заедници на селата Пчиња, Студена Бара и Вак`в, кои не се задоволни од одлуката на советниците.

    Далеку сме од задоволни, бидејќи ставовите ни се разидуваат. Советниците ги гледаат интересите на градот и се плашат од еколошка катастрофа поради неизнесениот смет, додека нашата катастрофа помалку ги засега. Но, ќе се обидеме да најдеме компромисно решение. Заклучоците ќе ги презентираме пред месното население и нивна ќе биде одлуката дали ќе го прекинеме протестот. Им предложивме да го носат сметот во депонијата Дрисла додека не се најде конечно решение, но тие велат дека немаат пари“, вели Александар Илиевски, претседател на месната заедница Пчиња.

    Жителите потсетуваат дека не би било првпат под притисок на јавноста да се прекине со протестите, а потоа да бидат измамени од надлежните.

    Не може секоја година да го имаме истиот проблем и секоја година да протестираме, да се согласиме на одредени услови и потоа ништо да не се реализира. Требаше да се исчисти сметот покрај патот, да се огради депонијата, за што ние дониравме столпчиња и жица, да се пошуми, да се дислоцира, но ништо од тоа не е исполнето. Имаме меморандум од 2005 и не е постапено ни по една точка од него“, кажа Илиевски пред советниците.

    Мештаните посебно бараат да се контролира што се фрла на депонијата бидејќи велат дека се сведоци на исфрлен медицински отпад и отпадоци од месарници, кои подоцна се разнесуваат околу депонијата и на локалниот пат по кој тие поминуваат.

    Тие најмногу се револтирани што надлежните од јавното претпријатие го негираат нивното учество во гаснењето на големиот пожар, кој се заканувал да се прошири на житните култури и кон селото и не сакале ни да излезат на терен да се запознаат со проблемот, туку ги обвинуваат за протест со политичка заднина.

    Директорот на „Чистота и зеленило“ Ненад Стојановски на седницата кажа дека 70 отсто од пожарот на депонијата е изгаснат и затрупан со земја, а останатото може да се заврши до крајот на денот. Тој предупреди дека градот може да се соочи со епидемија на болести доколку не се дозволи изнесувањето на сметот.

    Нашите камиони се блокирани веќе 48 часа, а депонијата е едниственото место каде што можеме да го однесеме. Дел од сметот е во камионите и може да се рашири зараза и да се предизвика хаварија на самите возила. Градот е блокиран, а блокирани сме и ние како претпријатие“, кажа Стојановски.

    Пожарот на депонијата Краста избувна пред три дена, а непријатната миризба и загушливиот чад најмногу се чувствуваат во котлината на селата Пчиња, Студена Бара и Вак’в, но и на периферијата на градот.

    Жителите не дозволуваат камионите на претпријатието да го истураат сметот во депонијата. Тврдат дека надлежните го игнорираат нивното барање за решавање на проблемот, па наместо да излезат на терен, ги пријавиле во полиција и им се закануваат со тужби. Советниците побараа да се најде заедничко решение на задоволство на двете страни и во интерес на граѓаните.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира