КУМАНОВЦИ ИЗРАБОТИЈА 1.000 ВИЗИРИ ЗА ЗДРАВСТВЕНИТЕ РАБОТНИЦИ ВО РЕГИОНОТ

    КУМАНОВЦИ ИЗРАБОТИЈА 1.000 ВИЗИРИ ЗА ЗДРАВСТВЕНИТЕ РАБОТНИЦИ ВО РЕГИОНОТМатеријалот за изработка на опремата се обезбедува по пат на донации од граѓани и компании (Фото: СДК.МК)

    Над 1.000 визири доби медицинскиот персонал во Североисточниот Регион од група ентузијасти од Куманово. Станува збор за тим од 12 млади луѓе, кои со 3-Д печатење веќе 15 дена неуморно изработуваат заштитна опрема за потребите на здравствените установи во Куманово и соседните општини.

    „Досега дониравме околу 350 парчиња во Општа болница Куманово, над 100 во Здравствениот дом во Куманово, 30 во Центарот за јавно здравје во Куманово, 50 во болницата во Свети Николе, 20 во болницата во Кратово, 60 во болницата во Крива Паланка, како и во многу приватни ординации по општа медицина. Останува само мал број што не се покриени, како приватните ординации од Кратово, Крива Паланка и Свети Николе. Примарна цел е да се снабдат со визири сите медицински установи низ земјава“, соопштуваат од тимот.

    Материјалот за изработка на опремата се обезбедува по пат на донации од граѓани и компании. Тие се благодарни за интересот и поддршката што ги добиваат и укажуваат дека групата работи на волонтерска основа, па и трошоците за електрична енергија ги покриваат сами.

    Тие ги повикуваат сите здравствени установи кои имаат потреба од визири да им се јават со пополнување на формуларот:

    https://docs.google.com/forms/d/e/1FAIpQLSeixFnq9Sma1SoOu_6PmqjVnuk_JwAlMsN7XUNWgUcnc7Kn2w/viewform

    Иницијативата за изработка на заштитна опрема со 3-Д технологија започна од лекари од болницата „8 Септември“ во Скопје и многу брзо се рашири низ целата држава.

    С. НИКОЛИЌ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира