КУМАНОВЦИ КОИ РАБОТЕЛЕ ВО ИРАК И АВГАНИСТАН ПРОТЕСТИРАА ПРЕД УЈП ПОРАДИ ОДАНОЧУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕ ЗА 2020

    КУМАНОВЦИ КОИ РАБОТЕЛЕ ВО ИРАК И АВГАНИСТАН ПРОТЕСТИРАА ПРЕД УЈП ПОРАДИ ОДАНОЧУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕ ЗА 2020Нагласуваме дека резидентите кои за остварениот доход веќе платиле данок во странство нема да бидат двојно оданочени, соопштението УЈП во врска со протестот во Куманово. (Фото: СДК.МК)

    Стотина кумановци, кои некогаш работеле во американските бази на Ирак и Авганистан, денеска протестираа пред канцеларијата на Управата за јавни приходи (УЈП) во Куманово, незадоволни од одлуката за ретроактивно оданочување на приходи остварени од странство од 2020 година наваму. Тие тврдат дека данокот го платиле фирмите кои ги ангажирале во земјите каде што работеле, а сега државата во време на празници сака да им наплати уште еднаш.

    „Ние не бегаме од даноци, ниту сме против тоа, но нема да прифатиме неправда и селективни примени на закон и уцени, спакувани како информативни пресметки и решенија. Во изминатите 2-3 недели УЈП нè контактираше сите нас, усно или писмено, и ни доставија пресметки за 2020 година, за пред пет години. Сметаме дека УЈП направила сериозни пропусти во постапките и тоа, непостапила навремено со евидентирање на приливите, не донела решение за текот на наредната година, и навремено не ги информирала граѓаните. Ова не е редовна даночна постапка, ова е лов на пари за полнење на државната каса“, изјави Зоран Наковски, кој кажа дека добил решение да плати данок во висина од 4.000 евра само за 2020 година.

    Тој вели дека согласно законот, лицата кои престојувале повеќе од 183 дена надвор од државата не се сметаат за даночни резиденти, а секој од нив бил од 9 до 10 месеци во странство. Сега УЈП бара самите да обезбедат докази, а МВР не им издава потврди за влез и излез од државата за 2020 година, со образложение дека не ги чува податоците постари од 5 години, додека копиите од пасоши со печати не им се прифаќаат како доказ.

    „Нашите пари не се црни, тие се веќе оданочени во државите каде што работевме. Ова што се прави денеска е двојно, тројно оданочување, спротивно на правата, законот и на здравиот разум. Имаме пример од 10-15 луѓе кои работеле во Ирак во друга компанија, не од нашата, добиле потврда од фирмата дека таму е платен данокот, со документи преведени од арапски на македонски, доставено до УЈП, и тие се ослободени. Ние сите ќе извадиме такви документи, само нека ни дадат време, бидејќи не можеме оддеднаш да ги добиеме сите тие податоци. Тие не обврзуваат до 15 јануари да го платиме данокот, во спротивно ќе плаќаме камата. Имаме право на жалба, ама таа не го одложува плаќањето. Што значи дека ќе дојдеме до извршители“, додаде Наковски.

    Од оваа одлука на УЈП во Куманово се засегнати околу 4.000 луѓе, а се оданочува главно платата, која тогаш им била исплаќана. Дел од присутните кажаа дека со тие пари што ги заработиле ги потрошиле, а сега добиваат високи пресметки кои не се во можност да ги платат. Тие најавија дека нема да го плаќаат данокот, додека не ги искористат сите законски и правни механизми во државата и пред меѓународните судови.

    Од УЈП велат дека известувањето кое го добиле граѓаните е повик за појаснување, проверка и утврдување на фактичката состојба согласно законот, односно можност да достават докази заради правилно утврдување на даночната обврска.

    „Нагласуваме дека резидентите кои за остварениот доход веќе платиле данок во странство нема да бидат двојно оданочени“, се вели во соопштението на УЈП.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира