КУПИШТА ПЕЛЕНИ ИСФРЛЕНИ БЛИЗУ СТРЕЖЕВСКОТО ЕЗЕРО ОД КАДЕ БИТОЛА СЕ СНАБДУВА СО ВОДА

    КУПИШТА ПЕЛЕНИ ИСФРЛЕНИ БЛИЗУ СТРЕЖЕВСКОТО ЕЗЕРО ОД КАДЕ БИТОЛА СЕ СНАБДУВА СО ВОДАОд „Стрежево“ велат дека не е медицински отпад, и претпоставуваат дека е куќен отпад на семејство кое има постар болен човек и тука ги фрлило пелените (Фото: СДК.МК)

    Спортски риболовци од Битола реагираат дека во близина на акумулацијата „Стрежево“, од каде градот се снабдува во вода, е фрлен отпад со купишта искористени пелени од возрасни лица. Од акумулацијата се користи и вода за наводнување на нивите во Пелагониско. Рибарите фотографиите ги објавија и на социјалните мрежи. На нив се гледаат дел од пелените расфрлени, а дел собрани со кеси од битолски меркети и други со грчки натписи.

    „Само несовесни луѓе можат да го направат ова. Депонија од медицински отпад, поточно од користени памперси, на брегот на акумулацијата ‘Стрежево’ од десната страна кај село Лера, после мостот на реката Шемница. Ова е дно на човечкиот ум. Вода пиеме од тука. Ова е ужас“, коментираат загрижено спортските риболовци.

    Директорот на јавното претпријатие „Стрежево“ Менде Граматковски за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека се информирани за дивата депонија и нивни екипи веќе се на терен и ја расчистуваат.

    „Не се работи за медицински отпад, по наши претпоставки се работи за куќен отпад на семејство кое има постар болен човек и тука го фрлиле отпадот. Веднаш штом дознавме интервениравме. Иако сметот е исфрлен подалеку од акумулацијата, мора да ја заштитиме околината. Граѓаните да бидат безгрижни, зашто ова ќе се исчисти и нема да ја загади водата. Водиме максимална грижа и за водата и за живиот свет во неа“, вели Граматковски.

    Од вештачката акумулација „Стрежево“ битолски „Водовод“ користи вода преку лето кога потрошувачката на вода се зголемува, а се намалува капацитетот на водоснабдување од други зафати. Преку годината ова е едно од омилените места за рекреација на спортските риболовци. Во близина на езерото има неколку села. Првпат се случува некој тука да исфрли пелени, а претходно имало случаи да се фрла градежен шут.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира