Трска ја голта дигалката од која пред десет години се спушташе еко-бродот во Преспанското Езеро за да направи анализа на квалитетот на водата. На местото каде е поставена, во 2013 езерската вода беше длабока три метри, а денес ја затекнавме на суво. И еко-бродот, со кој се земаат примероци за испитување, е закотвен на триста метри во езерото. Не може да се усидри крај брегот зашто е премногу плитко и може да се насука и оштети.
Бродот заедно со мониторинг-станицата во село Стење се донација на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Швајцарската агенција за развој од 2013, кога беа вложени еден милион швајцарски франци за да се добијат релеватни податоци за квалитетот на водата кои во иднина би потикнале активности за поголема заштита на езерото.
Вработените од станицата пешачат половина километар за да стигнат до брегот на езерото. Потоа мораат со чамец да пловат до бротчето за да тргнат во испитување на квалитетот на водата.
„Бродот поради повлеченото езеро година и половина не беше во функција, но веќе втора година како е во вода и ги извршува сите потребни функции. Тешко се стигнува до него поради повлекување на водата, но не се откажуваме и понатаму ги извршуваме сите потребни анализи. Болка ни е на сите што езерото уште се повлекува. Моментално тоа ни е најголем проблем. И за нас, и за полицијата, и за Националниот парк ‘Галичица’, тешко е за спуштање на глисерите и другите пловни објекти во вода“, вели Миле Кочовски, техничар во лабораторијата во мониторинг-станицата во Стење.
На суво, покрај дигалката, е и мерачот на водостојот кој некогаш бил во вода, веќе со години е и старото пристаниште од времето на Југославија. Тоа е вон функција зашто веќе не стигнува до езерските води, па неопходно е што е можно поскоро да се обезбеди барем понтонско пристаниште за да можат и еко-бродот, глисерите и другите пловни објекти на државните институции, но и на локалното население, да се закотват и полесно да се користат.
Мониторинг-станицата во Стење е единствената во Преспанскиот Регион која врши детално следење на квалитетот на езерската вода. Редовно секој месец, а преку лето и неколку пати месечно, вработените во станицата земаат примероци од вода на десет точки во езерото почнувајќи од Стење, најдлабоката точка Казан, кај островот Голем Град, пред него, кај Наколец, Сливница, Крани, Асамати, Езерани и Отешево. Се прават бололошки и физичко-хемиски испитувања на водата.
Ружица Перевска, советничка за управување и мониторинг за водите на Преспанското Езеро, патува со чамец до бротчето, а потоа со него низ езерото за да направи дел од анализите за кои е задолжена. Некои ги прави на лице место, а другите подоцна во лабораторијата која е опремана со целата потребна апаратура.
„Примероците ги земаме со специјална нискерова боца на 25, 15, 10 и 5 метри. Најдлабока точка е на местото викано Казан каде земаме вода на длабочина од 25 метри. На ова место длабочината варира до 33 метри, а последно беше 28. Директно на терен мериме пе-ха вредност, температура, спроводливост, чистина, тврдина. Дел од примероците ги носиме во лабораторија и таму продолжуваат испитувањата. Потребни се максимум три дена за сите резултати“, вели Перевска.
Откако е таа на работа, од 2021, вели дека нема некои драстични осцилации во параметрите што ги истражуваат. Квалитетот на водата е од трета класа. Кислород има во езерската вода, може да е повеќе и подобро, но тоа зависи од повеќе фактори. Истражувањата, исто така, покажуваат дека азотот е присутен во поголема концентрација во езерската вода.
На Преспанското Езеро веќе со години му се случува природна катастрофа. Покрај сушниот период, преголемото искористување на водата која ја делат три држави, дел од водата преку Галичица понира во Охридското Езеро. Сепак, населението верува дека се работи и за езерски осцилации. Жителите од Стења велат дека кај Наколец со повлекувањето на водата се појавиле и отстатоци од прастарите наколки живеалишта што укажува дека порано нивото на езерото било и пониско. Тоа остава рокна надеж дека можеби природата ќе го направи она што досега човекот не успеа, во некое идно време да го спаси езерото.
На 29 ноември, во Општината Лемос во Грција беше потпишан Меморандум за соработка за Преспанскиот Басен. Со овој меморандум, градоначалниците на четирите општини во Преспанскиот Басен, Пустец и Девол во Албанија, Преспес во Грција и Ресен во Македонија формално ќе иницираат процес за формирање Европска група за територијална соработка. Целта е формално да се поттикне заштитата на животната средина, одржливиот развој и да се зајакне прекуграничната соработка во транснационалниот регион Преспа.
Регионот на Преспа веќе е корисник на финансиската програма „ЕУзаПреспa“ финансирана од ЕУ во вредност од 21,5 милиони евра, од кои 18 милиони евра, односно 84% се обезбедени од Унијата. Веќе се спроведуваат 4 грантови доделени на локални граѓански организации и 2 договори за придонес потпишани со УНДП. Дополнително, финансирање од ЕУ во износ од 7,7 милиони евра е достапно во рамките на програмата за прекугранична соработка меѓу Грција и Македонија за повторно отворање на граничниот премин Маркова Нога-Герман.
Ж. ЗДРАВКОВСКА