Сто млади лица од Пелагонискиот Регион од урбани и рурални средини кои имаат помали можности да се вработат ќе бидат опфатени со Лабораторијата за младинско учење на Младинскиот културен центар (МКЦ) од Битола. Станува збор за пет групи од по 20 учесници, кои до мај ќе поминат низ обуки за развој на нивните лични, социјални и професионални вештини за полесно да најдат работа или да се самовработат. Повикот за втората група е во тек, а опфатени се само млади кои досега не биле на вакви обуки.
„Тоа се млади претежно од 15 до 29 години од рурални средини кои се изолирани, млади жени, Роми, лица со попречености и млади од семејства со ниски приходи или социјални пречки. Нудиме практичен пристап кон вештините и компетенциите кои ги добиваат. Тие не се пасивни слушатели, туку активни учесници во обуките. Посебно во руралните средини каде има помали можности за вработување, преку социјалното претприемништво ова е поттик за самите да креираат нови можности за економска активност, односно да се самовработат“, рече Александар Тодоровски, програмски менаџер во МКЦ Битола.
Според Агенцијата за стаститика, стапката на невработеност во државата кај младите од 15 до 29 години 24,7. А според Агенцијата за вработување, во 2024 година имаше 17.305 невработени до 29 години.
„Лицата ќе се стекнуваат со вештини за вработување, како да бараат работа, права од работен однос, работна етика и друго. 15 од нив, ќе се вклучат низ менторски процес за работна интеграција. Тоа ќе помогне да ги утврдат нивните вештини, интереси, силни страни и да се активираат на пазарот на трудот. На најмалку 3 лица ќе им се обезбеде практична работа или економска активност и уште на најмалку 5 други лица, обука за креирање канвас планови (за социјално претприемништво) со цел да станат свесни за идејата која ја имаат и како да ја реализираат“, рече Ирена Туфекчиева, асистентка во проектот.
Проектот има за цел и да ја намали и младинската невработеност која и понатаму е горлив проблем во државата, а и една од причините за отселувањето.
Ж. ЗДРАВКОВСКА
