ЛАНИ ИМАЛО ПОМАЛКУ КИНОПРОЕКЦИИ И ГЛЕДАЧИ ОД 2024, ВЕЛИ ДРЖАВНИОТ ЗАВОД ЗА СТАТИСТИКА, ВО ОХРИД ПРИКАЖАН САМО ЕДЕН ФИЛМ

    ЛАНИ ИМАЛО ПОМАЛКУ КИНОПРОЕКЦИИ И ГЛЕДАЧИ ОД 2024, ВЕЛИ ДРЖАВНИОТ ЗАВОД ЗА СТАТИСТИКА, ВО ОХРИД ПРИКАЖАН САМО ЕДЕН ФИЛМKино Милениум nе работи од април 2024. (Фото: СДК.МК)

    Минатата година во македонските кина имало помалку прикажани филмови, помалку проекции и помал број на гледачи. Иако вкупниот број гледачи е помал, просекот на гледачи по филм е повисок од 2024 година. Ова го покажуваат бројките што ги објави Државниот завод за статистика, кој ги користел податоците од 17 киносали, една повеќе од 2024 година.

    Лани се прикажани 992 филмови, наспроти 1.042 во 2024, а се одржале 12.057 кинопроекции (во 2024 имало 13.837). Тоа резултирало со помал вкупен број гледачи – 299.560, а во 2024 биле 334.479. Просекот, пак, покажува дека на една претстава присуствувале 25 лица, а една година претходно 24. Минатата година еден филм бил гледан од 337 гледачи, а во 2024 од 320.

    Намалениот интерес за кинопретставите предизвика дистрибутерите да го намалат бројот на откупени филмови.

    Најмногу публика имало во Општина Карпош, каде што е седиштето на Синеплекс со киносали во ТЦ „Сити мол“. Во оваа општина е и Кинотеката на Македонија, која има редовна кинодејност. Лани во оваа општина имало 246.380 гледачи, со 8.880 кинопретстави и 404 прикажани филмови. Тоа се 28 гледачи по претстава, односно 610 по филм. На второто место е киното во Битола со 24.775 посетители, 349 кинопретстави и 131 прикажан филм. Овој град има висок просек на гледаност, со 71 гледач по проекција и 189 по филм.

    Потоа следат Штип, Кисела Вода и Велес, каде што работат кината на Киноверзум.

    Наспроти овие градови, во Охрид бил прикажан само еден филм, кој имал 84 гледачи, во Гевгелија два со 40 гледачи, а во Крива Паланка три филма со 114 гледачи.

    Висок просек имаат три града каде што нема редовна кинодејност. Лани во Свети Николе биле прикажани шест филма, а во просек ги гледале по 113 гледачи. Исто толку гледачи имало во Струмица, но за пет прикажани филма. Во Струга, седум прикажани филма ги гледале во просек по 72 гледачи.

    Во Општина Центар се кино Милениум, кое не работи од април 2024 и кино Фросина во МКЦ. Лани биле прикажани 44 филма со 116 одржани проекции и 1.583 гледачи. На кинопретстав во Фросина имало по 13 гледачи или еден филм го гледале 36 лица.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира