ЛАНИ ЈА ВОВЕДОА, А ГОДИНАВА ЈА УКИНАА НАСОКАТА ЗА ТРАДИЦИОНАЛНА МУЗИКА И ИГРА ПРИ СРЕДНОТО МУЗИЧКО УЧИЛИШТЕ ВО БИТОЛА

    ЛАНИ ЈА ВОВЕДОА, А ГОДИНАВА ЈА УКИНАА НАСОКАТА ЗА ТРАДИЦИОНАЛНА МУЗИКА И ИГРА ПРИ СРЕДНОТО МУЗИЧКО УЧИЛИШТЕ ВО БИТОЛАВо првата генерација на насоката има 8 ученици од Битола, Струга, Кичево, Демир Капија, Прилеп, Демир Хисар. (Фото: Државно средно музичко училиште)

    По обидот на Министерството за образование и наука (МОН) за префрлување на земјоделската струка во друго училиште, кој не успеа, направен е и уште еден за згаснување на насоката за традиционална музика и игра при Државното средно музичко училиште во Битола, која со работа почна само пред една година.

    Во конкурсот на МОН за упис во средните државни училишта во 2026/2027 година, не е предвидено запишување на нови ученици на насоката за традиционална музика и игра, туку само на двете насоки музичка уметност и музички изведувач.

    По ова родителите на учениците кои учат на насоката и на оние кои беа заинтересирани годинава да се запишат, упатија отворено писмо до министерката за образование Весна Јаневска.

    „Со жалење и неверување ја пречекавме веста дека оваа година насоката нема да продолжи со работа во Битола, токму сега кога за неа се разви огромен интерес за запишување на нови генерации. Интерес има и меѓу учениците кои претходно се запишале во насоката Изведувачи да се префрлат и школувањето да го продолжат во оваа насока, интерес има меѓу членовите на културно уметничките друштва кои неуморно регрутираат нови членови кои претставувањето на македонскиот фолклор би го издигнале на академско ниво“, пишува во писмото.

    Во првата генерација на насоката има 8 ученици од Битола, Струга, Кичево, Демир Капија, Прилеп, Демир Хисар, а годинава се прогнозираше дека ќе има 12 новозaпишани. Ваква насока останува да работи при Државниот музичко балетски училишен вентар „Илија Николовски –Луј“ во Скопје. Дипломираните генерации ќе бидат ангажирани како идни кореографи и корепетитори во ансамблите.

    „Не дозволете дома да згасне изучувањето на македонскиот фолклор во време кога истиот во светот се повеќе станува предмет на изучување и истражување од еминентни институти и институции. При тоа земете го во предвид фактот дека наставниот кадар кој ги предава стручните предмети специфични за оваа насока работи хонорарно. Токму нивниот ентузијазам, посветеност, љубов, децидност да се успее во работата и тоа како го задолжуваат Министерството за образование да ги подржи во нивната определба и да биде нивна најголема подршка“, пишува во писмото.

    Испративме прашања до МОН кои се причините за затворање на насоката и што се планира, но одговори не стигнаа до објавувањето на текстот.

    На почетокот на април годинава, исто така со јавно писмо до министерката се огласија и наставници од Земјоделското училиште во Битола откако во конкурсот беше предвидено земјоделската струка да се префрли во друго битолско училиште со Земјоделското ќе се затвореше. По реакциите на јавноста имаше измени во конкурсот и се дозволи тоа да продолжи со работа.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира