Сè што се гради во околината на Езерото Младост е со градежна дозвола, нема дивоградби, кажа градоначалникот на Велес Марко Колев, по бројните реакции во јавноста за градежната експанзија на подрачјето околу езерото и дека во таа околина се гради неплански и самоиницијативно.
„Откако јас сум градоначалник, сега веќе две и пол години, има само една објава за продажба на градежно земјиште, која јас ја имам потпишано. Тоа беа три парцели во сателитската населба за домови П+1. Друго немам ништо ниту објавено ниту продадено, оти и од овие три само една се продаде. Објектите кои сега се градат помеѓу Еко кампот и ‘Глориус’ се продадени уште во 2015 година и имаа рок од 10 години да се изградат. За други, постапката е завршена пред седум-осум години. Пред неколку недели испратив инспекција, да се контролираат сите овие нови градби. Од инспекцијата добив извештај дека сите градби се градат согласно одобренијата кои ги издала Општината“, кажа Колев.
Неодамна, велешките акцијаши-ветерани, кажаа дека при обидот да најдат парцела каде би засадувале или пошумувале во околината на Езеро Младост, констатирале дека нема слободен простор.
„Кога побаравме слободна парцела каде би можеле да засадуваме садници дрвја, констатиравме дека нема. Се е приватизирано“, велат од Одредот на акцијаши-ветерани од Велес.
П. ПЕЧКОВ