Возилото „рено 4“ од Стојаково кое пред половина деценија беше реставрирано од страна на Џоко Шуклев и Ѓорѓи Николов е прогласено за ‘најсмело возило‘ на годинешниов четврти по ред Фестивал на „рено 4“ во Тоскана Италија а двајцата авантуристи за најдобар екипаж. Двајцата вљубеници на олдтајмери за фестивалот посветен на овој модел на рено во Италија, дознале пред неполн месец и веднаш одлучиле да го претстават легендарното „рено 4“ од Македонија со кое Шуклев и Николов патуваа околу 20 илјади километри до Кина пред точно 6 години.
Во конкуренција на вкупно 200 возила од Шведска, Норвешка, Шпанија, Франција, Мароко, Хрватска, возилото на двајцата автомобилисити од Стојаково е сместено во топ 5 најдобри „рено 4“ возила.

Двајцата вљубеници на олдтајмери за фестивалот посветен на овој модел на рено во Италија, дознале пред неполн месец и веднаш одлучиле да го претстават легендарното „рено 4“ од Македонија. (Фото: СДК.МК)
Џоко Шуклев вели дека наградата е за сè она што поминало возилото старо 47 години.
„Наградата е заради перформансите што ги има нашето реставрирано возило со кое бевме и во Франција и до Кина, а сега и до Италија. Ја понесе наградата за најсмело возило бидејки сме направиле повеќе рути. Додека другите возила ги чуваат како експонати, ние нашето го користиме за освојување на светски дестинации. Секако дека со возилото оди и наградата за најдобар екипаж. Поканети сме повторно за две години на петиот меѓународен фестивал. Ова е сатисфакција за нас“, ни изјави Шуклев.
Шуклев и Николов на фестивалот тргнале со две возила бидејки им се приклучиле и Петар Љачков и Трајче Јованчев исто така од Стојаково. Тие помогнале да се направи второто возило произведено 1990 година и патувале поделени. Во едното возило Шуклев и Љачков, во другото Николов и Јованчев. Сите тие за 30 часа извозија околу 1.700 километри без никакво проблем со возилата од Стојаково до Тоскана, Италија каде се натпреварувале и во повеќе дисциплини.
Шуклев и Николов во 2018 реставрираа возило старо 40 години и заминаа за Ница, Франција делница долга 2.200 километри. Следната година тие тргнаа за Кина, но заглавија на границата со Монголија бидејќи кинеските власти не им дозволија да влезат со возилото оти немале ангажирано тур оператор во Кина.
В.ТРАЈКОВ



