ЛЕТААТ ЛИМОВИ И ДАСКИ ОД ГРАДИЛИШТЕТО НА ПОРАНЕШНО „БЕКО“ ВО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕ КОЕ СО МЕСЕЦИ Е НЕЗАШТИТЕНО

    ЛЕТААТ ЛИМОВИ И ДАСКИ ОД ГРАДИЛИШТЕТО НА ПОРАНЕШНО „БЕКО“ ВО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕ КОЕ СО МЕСЕЦИ Е НЕЗАШТИТЕНОГрадилиштето со години стои разурнато и ги блокира пешачката патека и Плоштадот ВМРО. (Фото: СДК.МК)

    Градилиштето на поранешно „Беко“ во строгиот центар на Скопје со месеци стои со урната лимена оргада и од него висат даски. Кога дува ветер лимовите летаат на пешачката патека и Плоштадот ВМРО.

    Околу градилиштето, кое стои разурнато со години, се наоѓаат повеќе државни интституции и секојдневно вработени и граѓани минуваат покрај него, но никој не реагираа. Ги нема ниту инспекторите на Општина Центар да го казнат инвеститорот „БС Консалтинг“.

    Фирмата „БС Консалтинг“ во времето на градоначалникот Андреј Жерновски доби дозвола за доградба и надградба на постојниот објект кој со години работеше како хотел. На почетокот на градежните работи им било кажало дека темелите на објектот нема да ја издржат надградбата, па затоа сопственикот го урна објектот, со намера да го гради одново. За да гради нов објект од темел, треба да добие нова дозвола за градба. Но, бидејќи Општина Центар го воведе мораториумот за градба, градителот не смееше да гради и немаше добиено градежна дозвола. Но и покрај тоа, постојано со прекини се градеше и добиваше казни од Општина Центар.

    Во времето на ексградоначалникот Саша Богдановиќ беше поднесена и кривична пријава против сопственикот на фирмата Борис Стојменов, а две години потоа Обвинителството поднесе обвинение за градење на диво.

    Инвеститорот лани почна да го урива она што го изгради на диво, односно беа урнати столбовите. Оттогаш таму нема никаква активност ниту некој го обезбедува градилиштето.

    Архитектката Мимоза Несторова-Томиќ која е авторка на поранешно „Беко“, една од најреномираните автори и урбанисти во Македонија, неколку пати реагираше за тоа како ја срушија зградата без да ја консултираат и без фелата да ја одбрани.

    Несторова-Томиќ како авторка на проектот рече дека воопшто не се издржани објаснувањата на инвеститорот дека имале проблеми со статиката, па затоа морале да го урнат објектот.

    „Ја урнаа со изговор дека имало проблем со конструкција, тотално не се во право, оти 4 месеци не можеа да ја срушат. Можеше само пренамена да се направи“, реагираше Несторова-Томиќ кога зградата беше урната.

    „Ако има потреба за реновирање на фасадата може да помогне архитектот, но не можете да му го рушите објектот и да го негирате објектот затоа што не го сакате архитектот. Од една страна ние сме први сеирџии, а од друга страна тој антагонизам е многу присутен . Колегијалноста ја нема“, ни рече Несторова-Томиќ.

     А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира