ЛЕТАЈ ЧИКАЦ, НИЕ ЌЕ ТЕ СПОМЕНУВАМЕ, РЕЧЕ АКТЕРОТ ФАИК МЕФАИЛОВСКИ НА КОМЕМОРАЦИЈАТА ЗА САМОИЛ СТОЈАНОВСКИ

    ЛЕТАЈ ЧИКАЦ, НИЕ ЌЕ ТЕ СПОМЕНУВАМЕ, РЕЧЕ АКТЕРОТ ФАИК МЕФАИЛОВСКИ НА КОМЕМОРАЦИЈАТА ЗА САМОИЛ СТОЈАНОВСКИОд 2003, па до неговиот последен аплауз во декември лани, беше вработен во Велешкиот театар. - Од денешната комеморација. (Фото: СДК.МК)

    Во длабока тага се собравме за да му оддадеме почит на колегата Самоил Стојановски. Неговото прерано заминување остави празнина во театарот, но и во нашите срца, рече Жарко Спасовски, директор на Велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов- Џинот“, на комеморацијата посветена на актерот кој почина на 3 март на 54 години.

    „Кога плачеме за смртта на актерот кој починал, плачеме за сите денови, претстави и моменти кои заеднички сме ги минале во театарот. Тешко е да се поверува дека Самоил не е повеќе со нас, дека оваа трагедија се случи толку ненадејно“,  кажа Спасовски.

    Роден на 3 ноември 1970 во Скопје, беше дел од македонската актерска сцена повеќе децении. Од 2003, па до неговиот последен аплауз во декември лани, беше вработен во Велешкиот театар. Имаше бројни улоги во театарот и филмот. Беше дел од актерската екипа на претставата „Синиот портокал“. Таа е една од најдолговечните на Велешкиот театар, се игра седум години во декември беше изведена по 100 пат, без исклучок во распродадена сала.

    На комеморацијата беа изложени костими од претставите кои ги носел Стојановски. (Фото: СДК.МК)

    Фаик Мефаиловски, со кого Стојановски играше во претставата, емотивно се прости од колегата.

    „Одигравме 101 претстава, но ќе одиграме уште толку. И секоја следна ќе биде посветена на тебе. Летај Чикац, летај слободно, ние ќе те споменуваме. На претставата ‘Најважната работа на светот’, со која овој театар, оваа нова зграда беше пуштена, ти беше во првата сцена, кога удри со чеканот и остана запишан во историјата“, рече Мефаиловски.

    Десетгодишниот син Ведран, се обрати на комеморацијата во Велешкиот театар, порачувајќи дека е горд, што имал толку славен татко, кој го научил на многу важни работи во животот.

    „Вон сцената бевме одлични пријатели, но во подготовката на претставите се каравме, без исклучок. Знаеше секогаш да каже е ова овака треба да биде. Наспроти сѐ, имавме одлична соработка. Сега нема повеќе со кого да се карам“,  рече режисерот Деан Дамјановски.

    На комеморацијата присустуваше и министерот за култура Зоран Љутков, кој беше со Стојановски, дел од ансамблот на Велешкиот театар.

    Стојановски (1970-2025) беше погребан на 4 март на гробиштата Бутел во Скопје.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира