Директорката на Национална установа Завод и Музеј – Битола Мери Стојанова, в полиција ја пријави битолската фирма „ЏМП КОП Интернатионал ДОО Битола“ дека врши ископ на локалитетот во Живојно без претходно да биде извршено задолжително археолошко истражување. Според пријавата, на 25 февруари, по претходна дојава, директорката и уште двајца вработени извршиле увид во археолошки локалитет Влахо во село Живојно, Општина Новаци. Притоа, на археолошкиот локалитет затекнале работници и механизација на фирма од Битола како вршат ископ на локалитетот, без претходно извршено задолжително археолошко истражување. Според пријавеното, при увидот било констатирано дека е уништен голем дел од локалитетот.
Од СВР Битола велат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Деновиве, Центарот за истражување на предисторијата реагираше дека прололжува оштетувањето на археолошкиот локалитет Влахо од страна на багери кои вршат ископ на јаглен. Предупреди дека во најстарото неолитско наоѓалиште во земјава веќе целосно е уништена источната периферија на локалитетот со што е оневозможено негово истражување и трајно се изгубени битни информации поврзани со животот во неолитот. При девастирачките работи со багери оштетени се неколку ровови и повеќе неолитски куќи, а исфрлени се и илјадници остатоци од керамички садови, фигурини, алатки и друго.
Од Центарот за истражување на предисторијата обвинија дека и покрај укажувањата на Управата за заштита на културно наследство и Завод и музеј – Битола да се запре оштетувањето на локалитетот до негово истражување, противзаконски се продолжи со копањето за јаглен во рамки на оваа значајна неолитска населба.
На приватната компанија „ЏМП КОП Интернатионал ДОО Битола“ која го оштети локалитетот, на 27 септември лани Владата ѝ ја прифатила иницијативата за експропријација на земјоделско земјиште во Општина Новаци, КО Живојно, во приватна сопственост заради обезбедување на јавна услуга од областа на енергетиката и минералните суровини. Според записникот од 85. седница на Владата од 27 септември 2022, објавен на владиниот сајт, на таа седница е донесена одлука да се прифати иницијативата на „ЏМП КОП Интернатионал ДОО Битола“ за експропријација. Но на Интернет нема ни нејзина адреса, ни е-пошта ниту телефонски број за да ги исконтактираме. Во записникот од Владата пишува и дека било задолжено и Министерството за економија да го извести Друштвото за производство, трговија и услуги „ЏМП КОП Интернатионал ДОО Битола“ кое врши ископ да депонира средства на депозитна сметка на Министерството за економија во рамки на Трезорската сметка, во висина на проценетата вредност на недвижноста која треба да се експроприра.
Ж. ЗДРАВКОВСКА