Околу 2.000 кандидати кои чекаа со години да станат ловџии од утре може да го полагаат ловечкиот испит. Испитот е составен од теоретски и практичен дел ќе се полага во еден ден и тоа во внатрешноста на Македонија, а не како досега само во Скопје. Нема да биде електронски што претставуваше проблем за кандидатите во поодминати години.
САКАМДАКАЖАМ.МК уште пред година и пол алармираше за овој проблем бидејќи државата не создаваше услови и можности да се полага ловечкиот испит во градовите од каде што потекнуваат кандидатите заради што кандидатите се изложуваа на дополнителни трошоци до Скопје.
Министерот за земјоделство Љупчо Николовски на средбата со членовите на ловните друштва од струмичко појасни дека постапката сега е поедноставена и ќе се спроведе во еден ден што не беше случај досега кога кандидатите мораа да плаќаат и по над 150 евра за двата дела од испитот.
„Си измените на законот овозможено е да се полага во внатрешноста на државата. Утре полагаат кандидатите од регионот на Пехчево. За неколку дена ловечки испитите ќе се полага во Кичево, Скопје, Струмица, Крива Паланка. До крајот на летото ќе им овозможиме на сите кандидати да полагаат ловечки испит. Сето ова го правиме за поорганизирано ловство и развој на ловниот туризам, бидејќи ќе има нови членови на ловните друштва но и повеќе пари“, рече министерот Николовски кој подвлече дека годинава седумпати повеќе биле зголемени средствата од Буџетот за ловството во Македонија.
Министерството веќе формирала стручна комисија за полагање на ловечки испит и секоја година ќе верификува база на прашања кои ќе бидат јавно објавени на веб страницата на министерството.
На прашањето дали министерството планира ангажирање нови ловни инспектори оти во Македонија има само еден инспектор по криволов, министерот Николовски истакна дека се работи на екипирање на инспекторатот и дека во поголемите регионални центри се планира ангажирање на инспектори по криволов.
В. ТРАЈКОВ