Општина Охрид организира богата забавна програма за претстојните новогодишни празници на градскиот Плоштад „Свети Климент Охридски“ со Влатко Лозаноски-Лозано, Ефто Пупиновски, Ѓоко Танески, диџеј Јуксел и диџеј Багзи. На 1 јануари ќе има дневна забава со групите „Меморија“ и „Фузија“.
Во новогодишната програма и оваа година е проектот „Охридска новогодишна приказна“ кој ќе започне на 27 декември и има повеќе забавни настани за најмладата публика и за сите генерации. Дел од настаните е предвидено да се одржуваат напладне, а дел во вечерните часови.
Како дел од оваа програма се детските новогодишни театарски претстави „Четирите принцези“ на детското драмско студио „Ден и ноќ“ од Охрид, „Дедо Мраз ослабел“ на театарското студио „Театар за тебе “ и културно-забавниот настан „Зимска бајка“ на Центарот за култура „Григор Прличев“.
Исто така, ќе се одржи и хуманитарен новогодишен базар „Вино и винил“, настап на членови од детскиот музички фестивал „Поточиња“, меѓународен зимски фестивал на улична уметност „Баскер фест“ со кловнови, магионичари, жонглери и други улични уметници.
На 29 и 30 декември на градскиот плоштад ќе играат детските претстави „Заспаниот Снешко Белчо“ на „Весел Театар“, „Минионите на Дедо Мраз“ на Театар „Провокација“, како и новогодишно комично шоу „Солзи и смеа“ на „Балада продукција“.
На 30 декември, покрај детските претстави забава за младите, се најавува настап на македонската тин ѕвезда Христијан Настески-Пајак, младинска рок група при Младински центар Охрид и „Д бек дор бенд“.
Целодневна програма има и на 31 декември, со театарската претстава „Ракавиците на Дедо Мраз“ на Детското драмско студио „Ден и ноќ“, концертот „Златни 80-ти“ на учениците од „Св. Климент Охридски“ и диџеј Аце.
Богата музичка програма е подготвена и за празникот Богојавление-Водици. На 19 јануари на Градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“ ќе настапат фолк-пејачките Елена Велевска и Елена Андоновска. На 20 јануари за Денот на рибарите, во месноста Сараиште ќе настапат изведувачи од „Охридскиот еснаф“.
Охрид очекува бројни гости за време на божиќните и новогодишните празници. Според најавите, најбројни и годинава ќе бидат гостите од Бугарија, Србија, Албанија, Црна Гора и дијаспората.
С. ВРЕНЦОВСКА



