ЛУКОВИЦА Е ЕДИНСТВЕНОТО СЕЛО ВО ПОЛОШКО ДО КОЕ НЕ ВОДИ АСФАЛТИРАН ПАТ

    ЛУКОВИЦА Е ЕДИНСТВЕНОТО СЕЛО ВО ПОЛОШКО ДО КОЕ НЕ ВОДИ АСФАЛТИРАН ПАТОсвен тоа што не им го чисти патот од снег, Општина Желино ништо не направила ниту да добијат асфалтен пат до селото. (Фото: СДК.МК)

    елото Луковица, сместено на повисоките предели на Сува Гора, речиси цена зима беше отсечено од светот. Високите снежни наноси го заробија селото а Општината Желино, под која спаѓа Луковица, ниту еднаш не им го исчисти патот иако жителите на селото постојано за ова апелираа до градоначалникот на Општината. Тие се жалат дека освен тоа што не им го чисти патот, Општина Желино ништо не направила ниту да добијат асфалтен пат до селото. Луковица остана единствено село населено во Полошкиот регион, а и пошироко до кое не води асфалтиран пат.

    Откако топлото време го истопи снегот и патот до Луковица стана прооден се упативме до ова село да за видиме како живеат Луковчани и кои проблеми ги мачат. Од Групчин до Луковица има околу 17 километри пат од кои дванаесетина километри е асфалтиран, но последните 5,5 километри пат е туцаник и многу е оштетен. Асфалтниот пат не донесе до местото Крстец.

    „Ова е местото кое ние го викаме Крстец каде се двои патот, десно продолжува кон село Седларево и патот до таму е целосно асфалтиран, а лево оди до нашето село Луковица и како што можете да видите тука нема асфалт, а патот е полн со дупки и е многу оштетен. Тоа се само 5,5 километри пат за кој со децении се бориме да го асфалтираме но никој не сака да ни помогне . До сите села во Општина Желино има асфалтиран пат само до Луковица нема. И не само тоа што не сакаат да го направат патот, туку од Општина Желино не сакаат ни да го чистат во зима кога е затрупан со снег, а селото е отсечено од светот“, вели Горан Мишевски од село Луковица.

    Се возиме по лошиот пат крајно внимателно. За тие 5,5 километри ни требаа дури 22 минути за да стасаме до селото. Луковица се наоѓа на 900 до 950 метри надморска височина. Сместено е на западната страна од планината. На влезот во селото е црквата Св. Петка, а веднаш до неа, на самиот влез во селото, го среќаваме домаќинот Јованче кој работи во дворот.

    „Живеам со Скопје, но роден сум тука во Луковица. Летно време редовно доаѓам тука но во зима не можам бидејќи често пати патот е непрооден и затрупан со снег. Поради тоа моите родители кои преку цело лето се тука во селото, кога ќе дојде зима, морам да ги повлечам во Скопје. Не можеш стар човек да го оставиш тука во зима кога знаеш дека ни возило ни лекарска помош не може да се добие бидејќи патот не се чисти од снегот. Имаме голема желба ова село да опстане, тука природата е прекрасна, селото е на идеална надморска височина од над 900 метри, тука ми е и куќата наследена од мојот дедо. Сé тука е добро освен што еве со децении не можеме да издејствуваме да добиеме асфалтиран пат до селото“, зборува Јованче Сибиновски, жител на селото.

    Борбата на Луковчани да добијат пат трае не со години туку со децении. Првиот пат до селото им го изградила војската уште во 1972 година и тоа бил земјен пат. До тогаш до селото можело да се дојде само пеш. Во 2001 година биле пред реализација патот да се асфалтира, но тогаш изби конфликтот и целата работа пропаднала.

    „Нашата борба за овој пат е децениска. До сега имаме направено три проекти за асфалтирање на овој пат и сите проекти самите ние сме ги платиле. Последниот го направивме минатата година. Знаеме дека пари за изградба на патот се одобрени преку Светска банка, но проблемот е кај градоначалникот на Општина Желино Блерим Сејдиу. Тој тврди едно, јас тврдам друго. Тој вели треба 600.000 евра за да се асфалтира патот, а јас со документ му кажувам дека треба 320.000 евра. Вели дека тој го платил проектот за патот, јас тврдам дека ние од селото сме го платиле за што имам и документ. Сега, бидејќи парите веќе се добиени од Светска банка, треба градоначалникот да се одоброволи и да распише тендер за изградба на патот. Овој постоечкиов земјен пат ние, со наши пари сме го поправале уште во 1978-80 година. Во 2001 година патот беше тампониран и подготвен за асфалтирање, но се случи конфликтот и работата остана недовршена. И знаете како е, во Општината има 16 села албански а само едно е македонско. Нашата Луковица и никој не ја гледа, си гледаат за нивното. Има тука малку гласачи и затоа селото не им е во интерес. Сé во селово со наши пари направивме и водовод и селска депонија направивме, сé ние самите. Би требало да сме рамноправни граѓани на Општината како и сите други, бидејќи ѝ плаќаме даноци на Општината, но што добиваме – ништо, дури ни овој пат што го имаме во зима градоначалникот не сака да го исчисти“, вели Миле Сибиновски, претседател на Месната заедница и Здружение на жители на Луковица.

    Борбата на Луковчани да добијат пат трае не со години туку со децении. Првиот пат до селото им го изградила војската уште во 1972 година и тоа бил земјен пат. (Фото: СДК.МК)

    Во Луковица постојано живеат 45 жители, а преку лето, посебно за викендите во селото се собираат и над 500 лица. Ако во селото во 1972 година имало само 26 куќи сега има 75, а годинава во изградба се уште три нови куќи. Би се изградиле и повеќе но превозниците на градежен материјал не се нафаќаат да го донесат во селото токму поради лошиот пат. Дека ова село и покрај проблемите што ги има со патот опстои и се развива зборува и податокот дека во селото егзистираат три фарми а четвртата е во фаза на градба.

    „Фармер сум 30 години, сум чувал овци, крави а сега на фармата одгледувам кози. До скоро имав над 250 кози, но морав 150 од нив да продадам бидејќи немаше начин како да го пласирам вишокот на млекото. Ниту една млекара, поради лошиот пат, не се нафаќаше да доаѓа до Луковица за да го откупи млекото. Кога би се направил патот јас сум подготвен овде да одгледувам и 500 кози и да направам уште една фарма и да вработам неколку луѓе, но како што реков немањето пат до селото е најголемата пречка за нас“, вели Ќирко Милошевски, фармер од село Луковица.

    Во селото има три цркви од кои во црквата Св.Илија има направено и конаци. За патрониот празник на селото Свети Илија доаѓаат речиси сите Луковчани каде и да се, а во селото тој ден е преполно со посетители.

    „За Свети Илија доаѓаат луѓе од секаде и од овде и од странство. Доаѓаат и православни но доаѓаат и муслимани. Во црквата Свети Илија пред крај сме со изградбата на конакот кој ќе има 4 соби, правиме и кујна и веруваме дека ова уште повеќе ќе помогне за развојот на селото и имаме амбиции да се развие и селскиот туризам за што имаме прекрасни услови“, посочува Ѓуре Сибиновски од Црковниот одбор.

    Луковчани просперитетот на селото пред се го гледаат во развојот на туризмот, посочувајќи дека тука има прекрасни патеки за планински велосипедизам, а близината на езерото Козјак е само уште една можност за која велат дека мора да се искористи, и по кој знае кој пат ќе речат: „Ееее, да имавме асфалтиран пат…“

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира