Со сослушување сведоци кои судот ги обезбеди со полициска асистенција, оти претходно не се појавуваа на рочиште, денеска во Струга продолжи судскиот процес против градоначалникот Рамиз Мерко за набавката на луксузниот автомобил „ауди А6“, вреден 66 илјади евра и уште три други автомобили.
Ерканда Балута, сведок на одбраната вработена во Општината и внука на градоначалникот Мерко, како членка на Комисијата за набавки рече дека во целост била испочитувана процедурата за набавка за што била донесена и одлука на Советот на Општината. Постапката била јавна и бил избран најповолниот понудувач со што биле набавени 4 возила од кои три шкоди и луксузното ауди.
Обвинителот праша како се утврдила потребата за набавка на луксузно возило од 66.000 евра и кои критериуми биле користени, на што сведокот рече дека имало спецификација, но и возилата од претходниот возен парк биле „ауди“ и „мерцедес“ со висока вредност.
Алија Ајдиновски, сведок на одбраната и вработен во Општина Струга, како претседател на Комисијата за јавни набавки рече дека постапката била водена согласно Планот и законот за јавни набавки.
„Општината носи Годишен план за јавни набавки и во него беше планирана набавка на возила. Имавме 2 понуди и ја одбравме најповолната. Имавме и ревизија во 2019 година, а немаше ниту една забелешка бидејќи постапката беше водена согласно законот“, кажа Ајдиновски.
Лилјана Стојанова од Скопје, поранешна вработена во Државен завод за ревизија (ДЗР), а сега пензионерка, како дел од тимот кој вршел ревизија во 2019 за 2018 година кажа дека била помошничка на главниот државен ревизор, а на терен биле други колеги и не знаела зошто е повикана за сведок.
„Не знам по кој основ сте ме предложиле за сведок. Требаше да се обратите во институцијата, а таа ќе определи кој може да биде сведок. Под стрес сум, првпат влегувам во суд, сум била дел од над 200 извештаи“, рече таа и објасни дека при ревизија се контролираат 4 сметки, особено сметката за Основен буџет.
„Ревизија се прави по методологија по меѓународни стандарди. Во услови на блокирана сметка, претседателот на суд дава одобрение за функционирање на Општина и одобрен месечен лимит. Од 50 милиони месечно, а за 12 месеци лимитот бил поголем од вкупниот буџет на Општината во тоа време“, кажа Стојанова.
Во извештајот на Државниот ревизор стои дека на 16 ноември 2017, Општина Струга со Барање од 16 ноември 2017 година за проширување на минимумот средства за извршување на основната дејност се обратила до Основниот суд Струга. Во барањето е наведено дека од 2012 до 2017 година се променети условите за работа, поради што е побарано зголемување на месечниот износ неопходен за вршење на дејноста. Кон Барањето е приложено вештачењето изготвено од вешто лице со дата од 16 ноември 2017. Врз основа на барањето и вештачењето, од претседателот на Основниот суд Струга на 28 ноември 2017 со решение ППНИ – 84/17 и исправка на истото од 1 декември 2017 е определено 50.425 илјади денари како месечен износ неопходен за вршење на дејноста. Пресметано на годишно ниво овој износ изнесува 605.100 илјади денари, што е поголем од Буџетот на Општината, како и извршувањето на Буџетот. Со ваквото законско решение се овозможува Општината непречено да функционира, да презема нови обврски, да финансира капитални проекти, да дава финансиска помош на ЈП, спортски клубови и здруженија, а да не се плаќаат обврските по извршни судски решенија, при што се зголемува долгот по основ на камати, а со тоа се придонесува за зголемување на финансиската нестабилност на Општината“, стои во Извештајот.
Судијата Јордан Јованов кажа дека се исцрпени вербалните докази, изведени се и материјалните докази со што на следното рочиште на 9 јуни ќе следат завршните зборови на одбраната и обвинителството.
„Во текот на месец јуни ќе имаме завршница. При донесување на одлуката ќе бидат земени предвид сите искази и сите материјални докази“, кажа судијата Јованов.
Во Основниот суд во Струга денеска се одржа и рочиште против Мерко за поставувањето на спомен-плочата на Општинската зграда испишана само на албански јазик со која се велича фашистичката окупација на градот, кога албанското кралство го востановило албанскиот јазик како службен во Југозападна Македонија.
С. ВРЕНЦОВСКА