МАГЛАТА, ЗАГАДУВАЊЕТО, НАСТИНКИТЕ И ГРИПОТ ЈА НАПОЛНИЈА СЛУЖБАТА ЗА УРГЕНТНА МЕДИЦИНА ВО БИТОЛА, ДНЕВНО ИМА НАД 100 ПАЦИЕНТИ

    МАГЛАТА, ЗАГАДУВАЊЕТО, НАСТИНКИТЕ И ГРИПОТ ЈА НАПОЛНИЈА СЛУЖБАТА ЗА УРГЕНТНА МЕДИЦИНА ВО БИТОЛА, ДНЕВНО ИМА НАД 100 ПАЦИЕНТИБитола шест дена е под магла (Фото: СДК.МК)

    Над 100 луѓе дневно бараат лекарска помош во Службата за ургентна медицина при Клиничката болница во Битола, главно хронично болни и млади лица со висока температура. Со овој наплив на болни од хронични болести, настинки и грип, бројката на пациенти е иста како за време на ковид кризата. Службата е преоптоварена, а вработените имаат полни раце работа. Моменталната состојба дополнително ја отежнува маглата која не дозволува проветрување и предизвикува респираторни проблеми.

    „Околу новогодишните празници се зголеми бројот на пациенти, почнувајќи од хронично болните со хипертензии, кардиоваскуларни заболувања и респираторни проблеми, но имаме и доста пациенти високо фебрилни предизвикани од настинка, грип и горно респираторни заболувања. Главно, пациентите во нашата служба се од 15 години нагоре, а зголемен е и бројот на пациенти на Педијатрија. Во овој период, опфатеноста на фебрилни пациенти е до дваесет и некоја година. Тие се со висока температура, болка во грло и мускулатура и кашлица“, вели Лилјана Котевска, заменик-раководителка на Службата за ургентна медицина.

    Се препорачува редовна контрола на температурата, внес на течности, антипиретици и витамини, најмногу Ц и одмор.

    Битола шест дена е под магла и со висок степен на аерозагадување со суспендирана прашина, па и тоа влијае врз покачувањето на бројот на пациенти во болницата. Денеска претпладне беа измерени многу високи концентрации на ПМ2,5 честички во Битола и висока концентрација на ПМ10. Вчера, станицата Битола 2 измери надминување на среднодневната гранична вредност на ПМ10 честички со концентрација од 163 микрограми на кубен метар, што е трипати над дозволеното. Прагот на информирање за суспендирани честички со големина од 10 микрометри е надминат во Битола, Тетово и Прилеп.

    И покрај тоа што квалитетот на воздухот во Битола е класифициран како многу лош, деновиве нема протести за почист воздух како пред три години, кои ги преводеше Поинаку. Сега нивни претставници се дел од локалната власт која вчера препорача итни мерки за намалување на штетите од аерозагадувањето, меѓу кои и бесплатен превоз до Ниже Поле три дена со ред.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира