Мајка и син утрово се најдени мртви во нивниот стан во новиот дел на Велес, потврдија од СВР Велес. Станува збор за Катица (89) и Ванчо (53) Манојлови. Нив ги немало подолго време, па соседите утрово алармирале по што по барање на СВР Велес пожарникарите влегле во станот.
Екипа на Итната помош била на лице место и според портпаролот д-р Страхил Тодоров, констатирала смрт кај обајцата. Од Обвинителството во Велес велат дека телата на починатите ќе одат на обдукција и се врши увид на лице место.
„Соседите ги немаме видено четири месеци. Старицата беше слепа и неподвижна, а синот имаше психички проблеми. Не правеа белја, но немаше кој да се грижи за нив, немаат блиски во Велес“, велат соседите.
Тие велат дека финансиите не биле проблем за ова семејство кое било материјално обезбедено, но не и згрижено, бидејќи било од ранливата категорија. На едниот дел од нивниот стан се забележуваат трагите од пожарот кој избил во домот пред неколку години, а сè уште не беа санирани.
П. ПЕЧКОВ