МАКЕДОНИЈА ГОДИШНО ФРЛА НАД 10.000 ТОНИ ХРАНА ВРЕДНА 20 МИЛИОНИ ЕВРА, ВЕЛИ АНАЛИЗАТА НА СТУДЕНТИ ОД ШТИП

    МАКЕДОНИЈА ГОДИШНО ФРЛА НАД 10.000 ТОНИ ХРАНА ВРЕДНА 20 МИЛИОНИ ЕВРА, ВЕЛИ АНАЛИЗАТА НА СТУДЕНТИ ОД ШТИПНајмногу храна фрлаат угостителските објекти и маркетите, заклучиле македонските млади истражувачи на едукацијата во Келн. (Фото: НЕЦИ)

    Во светот годишно се фрлаат милиони тони храна, а од друга страна милиони луѓе гладуваат. За овој глобален проблем во Келн и неколку други градови во Германија, група млади истражувачи од Македонија заедно со врсници од повеќе европски земји се на десетдневна едукација и со разни анкети и истражувања ги испитуваат причинитe и ги споредуваат количините на храна која завршува како отпад.

    Партнерскиот проект поддржан од програмата „Еразмус +“ на ЕУ од македонска страна го спроведува невладината организација НЕЦИ, која овие истражувања ги има доверено на група студенти од Македонија во која се  Теа Тодорова, Ангела Гапева, Никола Стојановски, Ана Данаилова, Теодора Гор, Ферхид Гуд и тим лидерот Коста Рунчев. Тие, исто така, бараат мерки и активности како да се спречи или намали оваа појава или со донации хуманитарно да се решава проблемот на глобално ниво.

    На едукативната и истражувачка средба во Германија, македонските претставници дошле до заклучок дека најмногу храна фрлаат угостителските објекти и маркетите. (Фото: НЕЦИ)

    „Од разни извори дојдовме до непријатни податоци на локално ниво за Македонија и глобално во другите земји во Европа. Така, во Македонија годишно се фрлаат над 10.000 тони храна, а тоа значи ако еден килограм зготвена храна чини 150 денари и ако оброкот во просек се состои од леб, месо, овошје и млечни производи, дека штетата изнесува или како отпад годишно завршуваат околу 20 милиони евра. Помалку отпад ќе има и ако се применува правилен начинн на исхрана и консумација на храната“, вели студентката по дентална медицина, Ана Данаилова.

    Македонската група, составена претежно од активисти од Штип, утврдила дека Македонија по фрлањето на храна е под европскиот просек, односно по глава на жител кај нас секој годишно фрла по 80 килограми храна, а европскиот просек на фрлена храна по лице изнесува над 130 килограми на годишно ниво. Иако се смета дека сме далеку под европскиот просек, сепак Македонија е меѓу првите десет земји кои фрлаат најмногу храна.

    На едукативната и истражувачка средба во Германија, македонските претставници дошле до заклучок дека најмногу храна фрлаат угостителските објекти и маркетите. Најмногу храна се фрла во лето и за време празниците и разни прослави кога обично се готви повеќе храна, што значи дека недостасува попрецизна норма колку за такви прилики ќе има потреба од храна и најчесто тогаш се создаваат вишоци. Затоа, предложиле мерки и активности како да се подобри ова прашање на глобално ниво. Генерално, за сите земји неопходно е пред сѐ да се спроведуваат пошироки едукации со населението да не се готви вишок храна и како да се намали фрлањето храна, нејзино готвење, но и соодветно чување.

    Потребни се и системски решенија за распределба и одредување поволности спрема донаторите кои хумано го подаруваат вишокот храна и неопходно е да постои попрецизно планирање на производството на храна и нејзино рационално трошење. Заклучоците треба да се имплементираат во сите земји кои се дел од овој меѓународен проект.

    Во духот на планирано производство и готвење храна без да има вишоци, македонската делегација предложила на крајот од оваа меѓународна средба во Келн која завршува на 10 јули, на сите учесници како дегустација да им понудат  македонски специјалитети, полнети пиперки, тавче гравче и сарма со лист од лоза.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира