Со помош на Владата на САД преку УСАИД, царинските управи на Македонија и Албанија воспоставија заеднички граничен премин и заеднички контроли на граничниот премин Ќафасан – Ќафатане со што ќе се олесни трговијата и транспортот, а ќе се подобри и прекуграничната соработка помеѓу двете земји.
Ова е предвидено со проектот на УСАИД за економски развој, управување и раст на претпријатијата – ЕДГЕ , насловен како „Зголемување на ефикасноста на заедничките гранични контроли на граничниот премин Ќафасан – Ќафатане“, кој денеска се промовираше на граничниот премин.
Со новите алатки и опрема што ќе ги користат царинските службеници на двете земји како и заедничките гранични премини и заедничките контроли, значително ќе се намали времето на поминување на стоките преку границите, а нивното воспоставување, како што беше кажано, претставува исклучително важен чекор за подобра подготовка на земјите за економска интеграција во ЕУ.
Како поддршка на билатералниот рамковен договор за заеднички гранични контроли потпишан од премиерите Еди Рама и Зоран Заев, Владата на САД ќе соработува со двете влади за зајакнување на капацитетите на нивните царински управи за извршување на заеднички царински контроли во согласност со меѓународните стандарди и најдобрите практики.
„Овој договор ќе помогне да се изградат посилни поодржливи и подобро поврзани економии, подобрување на животите на вашите граѓани со побрзо поврзување на вашите земји со пазарите на ЕУ и намалување на физичките бариери, отворајќи уште поголеми економски можности за целиот регион“, изјави амбасадорката на САД во Македонија, Кејт Мари Брнз.
„Алатките и опремата набавени од страна на УСАИД заедно со тимската работа и тесната соработка помеѓу двете страни ќе им овозможи на царинските власти на Ќафасан да ги достигнат највисоките стандарди на царинските процедури овозможувајќи на тој начин поволно бизнис опкружување и безбедноски контроли“, рече амбасадорката на САД во Албанија Јури Ким.
УСАИД исто така ќе обезбеди и техничка соодветна помош и ќе организира студиски посети за запознавање на царинските службеници на двете земји со процесите за воспоставување, управување и раководење со заедничките царински контроли.
Од Царинската управа велат дека со ваквите проекти се поедноставува и олеснува работата на учесниците во царинската и надворешно-трговската постапка, но и се создаваат подобри услови како за царинските службеници, така и за другите гранични агенции кои секојдневно се присутни на граничните премини.
С. ВРЕНЦОВСКА