Депопулацијата е неизбежна демографска иднина на Македонија, а намалувањето на бројот на жители ќе продолжи и во наредниот период. Исклучок се Скопскиот и Полошкиот Регион, каде концентрацијата на населението е повисока, но тоа нема значително да го промени трендот на континуирано намалување на населението во државата, покажаа анализите презентирани во Битола при претставувањето на Нацрт-просторниот план на Македонија до 2040 година.
Експертите предупредија на негативен природен прираст во сите плански региони, стареење на населението, интензивни миграции и сè поголема концентрација на населението во Скопскиот Регион, што дополнително ја продлабочува демографската и економската поларизација.
„За да се промени ваквата состојба, пред сè е значајна конзистентна демографска политика со различен сет мерки, меѓу кои и полесно решавање на станбеното прашање, особено за младите генерации, подобри можности за вработување, здравствена заштита и сè што може да влијае на задржување на населението во матичната средина и намалување на миграцијата. Потребни се и мерки за намалување на демографскиот јаз меѓу Скопскиот и другите региони“, рече Душица Трпчевска-Ангелковиќ од Агенцијата за планирање на просторот.
Анализите покажаа дека во државата доминираат мали населени места до 100 жители. Тие сочинуваат речиси половина од сите населени места, но во нив живее само околу еден процент од вкупното население.
„Голема концентрација на населението има во градските општини, а се забележува и негрижа за техничката и социјалната инфраструктура и животната средина. Техничката инфраструктура, особено сообраќајот, е главен фактор за рамномерна просторна интеграција. Решенијата се остварливи само доколку сите засегнати страни дадат свој придонес и обезбедиме политичка поддршка“, додаде Трпчевска-Ангелковиќ.
Проблемот со иселувањето е особено изразен во руралните средини, каде опаѓа интересот за земјоделството, а населението ги напушта не само обработливите површини туку и селата. Експертите предупредија на намалување на земјоделските површини, ерозија и продолжена пренамена на земјоделско во градежно земјиште. И покрај поволните услови за органско производство, неговото учество во вкупното земјоделско производство е под еден процент.
Најголема опасност за иднината на земјоделството, според анализите, е намалениот интерес на младите за земјоделско производство.
„Неопходна е конзистентна политика со систем на мерки за задржување на населението во руралните подрачја, стимулирање на младите земјоделци, обезбедување сигурен пазар и постојани цени“, беше кажано на презентацијата.
Во областа на домувањето, интензивната станбена изградба во изминатиот период резултираше со голем станбен суфицит. Бројот на станови ги надмина проекциите од претходниот просторен план за околу 114.000, додека речиси една третина од становите се ненаселени. Пазарот на домување е речиси целосно препуштен на приватниот сектор, со мал број станови во државна сопственост.
За рамномерен регионален развој, клучна е и инфраструктурата.
„Западна Македонија ја баталивте. Само Источна Македонија ја развивате. Ако се гледа патната инфраструктура, за Западна Македонија нема ништо. Оската на развој што ја имате во мапата оди кон источниот и јужниот дел, а на запад нема развој. Министерот го промовираше градскиот воз Битола-Прилеп, кој уште го нема. Од Битола до Скопје со воз патуваме 6 часа, ужас невиден, а од Битола до Прилеп со сегашниот пат што се гради, секој месец има сообраќајки, 4 часа ни треба да стигнеме до Скопје“, рече Љупчо Стојановски, експерт за животна средина со 40-годишно искуство.
Надлежните истакнаа дека Нацрт-просторниот план предвидува подобрување на железничката поврзаност, со цел Битола, Струмица и Охрид, како најоддалечени поголеми градови од Скопје, да бидат поврзани со Скопје, патувајќи 90 минути.
„За тоа треба да се изгради брза пруга на Коридорот 10-д, а од Градско да се направи девијација кон Росоман и Раец и со тунел под Плетвар да се стигне до Прилеп за околу еден час. Од Прилеп до Битола е потребна реконструкција на пругата, со брзина од 120 до 140 километри на час и електрификација. Така, Битола би била на околу 80 минути од скопскиот аеродром“, рече професор Зоран Каракутовски од Градежниот факултет.
Во подолгорочен период се предвидува и железничко поврзување на Битола со Ресен и со аеродромот во Охрид.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



