До крајот на денов, карпата која виси над делницата од автопатот Скопје- Велес ќе биде отстранета. Откако алармираше Центарот за управување со кризи (ЦУК), екипи на ЈП „Макеоднија пат“ излегоа на терен.
„Машината која расчистува вакви карпи е на пат и таа до крајот на денот треба да ја отстрани“, изјавија од „Македонија пат“ која е надлежна за одржување на автопатот од Табановце до Гевгелија.
Од ЦУК велат дека на бројот за итни случаи 112 имало повеќе јавувања, пријави од граѓани за карпа која се надвиснала по првиот тунел од автопатот, пред Башино Село близу до влезот за Велес. Веднаш било испратено известување за опасност по учесници на сообраќај, до Јавното Претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта (ЈПОЗМРП) и до Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).
„Ситуацијата со опасната карпа и можен одрон на дополнителен материјал од високиот масив покрај автопатот, при нејзино паѓање, налага превентивно и корисно е во најбрз можен рок да биде извршена санација и отстранување на наведената карпа, како превенција да не дојди до загрозување на човечки живот и на уништување на материјални добра“, велат од ЦУК.
Повеќе од 18 дена карпата била одвоена од основниот масив високо над патот и од неа паѓале парчиња на коловозот, со што директно бил загрозени возилата, постоела директна опасност по животот на луѓето и материјални добра на учесниците на сообраќајот.
П. ПЕЧКОВ