МАКЕДОНСКА КАМЕНИЦА ЌЕ ПРАВИ ЕКО-ЌЕРАМИДИ И ПЛОЧКИ ОД ПЛАСТИЧНИ ШИШИЊА ШТО ЌЕ СЕ СОБИРААТ ОД ГРАЃАНИТЕ И БРАНАТА КАЛИМАНЦИ

    МАКЕДОНСКА КАМЕНИЦА ЌЕ ПРАВИ ЕКО-ЌЕРАМИДИ И ПЛОЧКИ ОД ПЛАСТИЧНИ ШИШИЊА ШТО ЌЕ СЕ СОБИРААТ ОД ГРАЃАНИТЕ И БРАНАТА КАЛИМАНЦИСо проектот долгорочно ќе се реши проблемот со отпадната пластика што на големо ја има и во браната Калиманци (Фото: ЕД „Здравец“)

    Македонска Каменица на иницијатива на локалното еколошко друштво „Здравец-2002“ ќе прави еко-ќерамиди и плочки за тротоари и други урбани површини со специјална обработка на пластични шишиња, што ќе се собираат од граѓаните и од браната Калиманци.

    Претседателот на друштвото Миран Митревски го подготвил овој проект уште пред неколку години, но првично не наишол на поддршка. Сега планира да му го презентира на новиот градоначалник на општината и очекува тие заедно со ЈП „Камена река“ да обезбедат по 50 проценти од неопходните средства за имплементација и реализација на проектот.

    „Се работи за прв ваков проект во државата, за што ‘Здравец‘ ќе обезбеди специјални машини. Тие ќе ја топат пластиката на 400 степени, која потоа со песокот ќе се става во калапи и така машински ќе се добиваат квалитетни ќерамиди и плочки, кои за најмалку 20 проценти ќе бидат поевтини од сегашните бекатон плочки. Освен што ќе се добијат корисни, здрави и квалитетни производи, долготрајно ќе се реши проблемот со пластичниот отпад во регионот“, вели за СДК.МК Миран Митревски.

    Проектот предвидува и едукација на граѓаните, кои повеќе нема да ги фрлаат пластичните шишиња по улиците или во браната, зашто од нив ќе можат и да заработуваат. Набавката на машините за преработка на пластиката и песокот е обврска на еколошкото друштво, а општината треба да обезбеди простор за минифабрика, која во старт ќе вработи четири до десет лица. Со фабриката ќе стопанисува ЈП, кое ќе може да го проширува капацитетот ако откупува пластични шишиња и од други општини.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира