МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК Е ФАКТ И ПРЕДИЗВИК ЗА СВЕТСКАТА НАУКА, КАЖАА НА 50. МЕЃУНАРОДНА НАУЧНА КОНФЕРЕНЦИЈА ВО ОХРИД

    МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК Е ФАКТ И ПРЕДИЗВИК ЗА СВЕТСКАТА НАУКА, КАЖАА НА 50. МЕЃУНАРОДНА НАУЧНА КОНФЕРЕНЦИЈА ВО ОХРИД50. Меѓународна научна конференција на Меѓународниот семинар за македонски јазик започна денеска во Охрид. (Фото: СДК.МК)

    Македонскиот јазик е факт и предизвик за светската наука, тој е стожер на нашата нација и држава. Македонскиот јазик се зборува на сите континетни, а во светот расте интересот за негово изучување, беше потенцирано на 50. Меѓународна научна конференција на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при Универзитетот „Кирил и Методиј“ што денеска започна во Охрид.
    На отворањето на педесеттото издание на Меѓународната научна конференција, претседателот Стево Пендаровски рече дека изминатите половина век видни научници, слависти и македонисти од различни меридијани на светот, заедно со нашите учесници оставиле дела кои сведочат за богатството на македонскиот јазик.

    Двете значајни годишнини, 120 години од излегувањето на книгата „За македонцките работи“ на Крсте Мисирков и 100 години од раѓањето на Ацо Шопов, се едни од најзначајните настани за нашата јазична, културна и национална историја.

    „Благодарение на Меѓународната научна конференција и на Меѓународниот семинар, секоја година имаме потврда за спецификите и посебностите на македонскиот јазик, литература и култура. Импозантната бројка на научници и дела, оставени во наследство од сите досегашни конференции се непроценливо богатство за нашата лингвистика и култура, воопшто за нашиот народ и држава“, рече тој.

    Ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски рече дека преку оваа Конференција новите научни согледби за делата на Мисирков и Шопов ќе ги најдат своите упоришта во славистиката и балканистиката и воопшто во филологијата, а заедно со нив и новите заклучоци за македонскиот јазик, литература и култура.

    „Со оваа конференција веќе половина век се поттикнува и домашната и странската македонска научна мисла и се следи Мисирковиот завет и се постигнаа значајните научни резултати кои се произлезени од неа, а кои најдобро потврдуваат за степенот за развиеност на македонистиката како научна дисциплина. Со нив и на светот му се покажа дека нашиот народ и нашата академска заеденица се меѓу оние кои со знаење и просветување го заземаат своето место во меѓународни рамки“, рече Јанкуловски.

    На тридневниот научен собир во Охрид учествуваат македонисти, балканисти и слависти од 15 држави од сите страни на светот.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира