Акцијашите ветерани од Македонија изминатиот викенд беа во Словенија и помагаа во расчистувањето на последиците од катастрофалните поплави, кои ја зафатија оваа држава на почетокот на месецов. Меѓу десетината акцијаши беше и велешанецот Делчо Костов. Биле во Рибница на Похорје, на покана од тамошен пријател, исто така акцијаш.
„Работевме на расчистувањето на штетите од невремето. Активно работевме два дена. Во петокот расчистувавме магацин за пластика во објект каде што се произведуваат акумулатори. Глетката беше катастрофална. Инвентар вреден околу 700.000 евра беше оштетен од поплавата. Натоваривме 35 камиони пластика која беше за отпад и тоа за пет часа работа“, вели Костов.
Освен него, во македонската чета имало и акцијаши од Куманово, Скопје, Штип и Битола. Допатувале и акцијаши од Србија и БиХ.
„Има недостиг на работна рака за расчистување. Се плаќа 15 до 17 евра за час, само да има кој да помогне. Доаѓаа луѓе, ни нудеа пари за да им помогнеме. Кажавме, дојдени сме напомош како акцијаши, а не за пари. Следниот ден работевме на друга локација, во луна парк. Цел беше прекриен со тиња. Откако за два часа го исчистивме, дојде еден човек кој имал пилана. Побара помош и ја доби. Беше пресреќен и презадоволен што конечно му беше расчистена работилницата“, додава Костов.
П. ПЕЧКОВ