МАЛАТА ХИДРОЦЕНТРАЛА ШТО СЕ ГРАДИ КАЈ ЛЕШНИЦА МОЖЕ ДА ЈА ЗАГАДИ ВОДАТА ВО ТЕТОВСКИОТ ВОДОВОД

    МАЛАТА ХИДРОЦЕНТРАЛА ШТО СЕ ГРАДИ КАЈ ЛЕШНИЦА МОЖЕ ДА ЈА ЗАГАДИ ВОДАТА ВО ТЕТОВСКИОТ ВОДОВОДЗасега не може да се добие точна информација колку концесии се издадени за изградба на мини хидроцентрали на Шар Планина. - Малата хидроцентрала кај Лешница (Фото: СДК.МК)

    Малата хидроцентрала што се гради во месноста „Лешница“ и зафаќа вода од реката Пена може да претставува потенцијална опасност за загадување на водите во градскиот водовод во Тетово. Како што посочуваат од Инспекторатот за животна средина причината е тоа што хидроцентралата се гради во непосредна близина на каптажата за градскиот водовод.

    „Локацијата на малата хидроцентрала е на растојание ок околу 300 метри од самата каптажа, значи, тоа како подрачје на делување треба да биде организирано. Градот Тетово требало веќе да воспоставил санитарна зона на заштита на изворот за водоснабдување. Ние ќе побараме од Општина Тетово да видиме дали таква санитарна зона е воспоставена или не. Доколку не е воспоставена веднаш ќе побараме да се воспостави со цел, додека тече овој процес, да бидеме сигурни дека Тетово нема да има проблем со водоснабдувањето“ изјави Ана Петровска, в.д. директор на Инспекторатот за животна средина.

    Од Инспекторатот исто така велат дека додека не се направи целосен увид на документацијата, ЈКП Тетово ќе мора да направи заштита на каптажата.

    Засега не може да се добие точна информација колку концесии се издадени за изградба на мини хидроцентрали на Шар Планина. Таа информација од страна на надлежните министерства се крие како најголема тајна. Екологистите велат дека според нивни сознанија одобрени се над 15 концесии за мини хидроцентрали од кои дел се веќе во фаза на изградба. Еколозите исто така предупредуваат дека Закон за прогласување на дел од Шар планина за национален парк, кој деновиве е во последната фаза од усвојување, така е направен да овозможи изградба на мали хидроцентрали на територијата на подрачјето кое го заштитува.

    „Закон чија основна цел е да ја заштити природа, а истата ја зонира за потреби на реализација на проекти за мали хидроцентрали – е закон кој озаконува прекршување на закони“, реагираат од невладината организација Фронт 21/42.

    Тие бараат од Министерството за животна средина идниот Национален парк Шар Планина да го стави во режим на привремена заштита додека не се донесе Законот а во меѓувреме Предлог законот да се ревидира и од него да да се отстранат членовите кои би овозможиле изградба на мини хидроцентрали на територијата на идното заштитено подрачје.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира